Анегдота на Драган Спасов-Дац: На шега се јавив во театар и кажав дека има бомба, за малку ќе завршев во полиција
Во една од своите култни анегдоти, популарниот актер Драган Спасов-Дац раскажа за вечер во Драмскиот театар која за малку ќе завршела со полициски записник наместо со аплауз.
Препорачано
Приказната започнува сосема наивно – седејќи едно утро на чорба, Дац сакал да се пошегува со колегите од театарот и се јавил да каже дека има бомба.
„Работата беше дека сакавме да пробаме дали ќе има… Со Калина седевме, јадевме чорба наутро. И пред претстава вечерта, ајде ќе се јавиме – ‘бомба’. Ајде сега, ќе се јавам. И свртев на телефон“, се присетува Дац со насмевка.
Меѓутоа, планот за „проверка на теренот“ брзо добил неочекуван тек кога на другата страна од линијата се јавил портирот.
„Портирот ми рече: ‘Сега ќе ве префрлам на билетара’. Јас му велам – не ме слушаш, на билетара, велам, бомба има во театарот! Еј, колку бомби овде ‘пукаат’… Велам, не можеш да направиш финта во театар, ништо… значи готово! И затворив телефон“, раскажува актерот за „Гламур“.
Кога пристигнал во Драмскиот театар пред почетокот на претставата, сликата била драматична – објектот бил заграден.
„Одам вечерта на претстава, гледам сè околу е заградено, не работи ништо, дури и супермаркетот е испразнет. И го гледам Бранко Ѓорчев, директор беше… ‘Што е работата?’. Ми вели – некоја бомба имало. ‘Каква бомба?’, јас велам. ‘Па јас се јавив’. ‘Како бе ти… чекај, во колку часот?’. И му кажав во колку часот сум се јавил, а повикот го имав и на телефонот.“
Дац се обидувал да објасни дека неговиот глас е препознатлив и дека не верувал дека некој ќе го сфати сериозно.
„Му ја објаснувам целата ситуација. Велам, не сум луд да дозволам да се случи нешто… мислам дека луѓето ме препознаа, бидејќи тука работам и не го менував гласот. Или ме познаа, или не го сфатија како вистинска закана. И полицајците видоа дека е така, бидејќи тоа не е играчка за шега – не би го направил никогаш.“
И покрај недоразбирањето, вечерта сепак завршила без последици.
„Беше лошо, непријатно заради целата ситуација. Рекоа – ‘сега да те носиме во станица за изјава’. Велам, не можам, имам претстава! И се одигра претставата. Не отидов во станица“, завршува Дац.


