Анџело „се вадел“ дека не произведувал дрога во Словенија, но ДНК доказите му пресудиле две ипол години затвор во Марибор

Анџело Ѓоргиевски
Анџело Ѓоргиевски

Анџело Ѓоргиевски, првоосомничениот за убиството на ракометарот Денис Тот кое пред 10 дена се случи пред дискотеката „Привилиџ“ во Градскиот парк, одлежал две ипол години затвор во Марибор, Словенија затоа што заедно со трочлена банда произведувал синтетички дроги, дознава „Слободен печат“ од свои извори во Словенија кои биле присутни на судењата.

Ѓоргиевски на рочиштата најнапред се обидел да се спаси од пресудата, на начин што тврдел дека другите тројца од бандата ја произведувале дрогата, а не тој самиот. Меѓутоа на крајот признал вина кога дознал дека негов ДНК материјал е пронајден од словенечките истражни органи во лабораторијата што ја имал во поткровјето на куќа во Словенија.

Се почнало летото 2016 година, кога Анџело ноќта меѓу петти и шести јуни, со својот автомобил Фиат Пунто удрил во пет паркирани автомобили во центарот на Марибор на улицата „Младинска“ и избегал од местото на сообраќајката. Очевидец го пријавил во полиција и тоа било основа да почне цела истражна постапка против него, која ги одвела словенечките истражни органи до група која произведувала синтетички дроги, на чие чело бил Ѓоргиевски.

Откако удрил во паркираните автомобили, Анџело не стигнал далеку. Го паркирал автомобилот во Кошашки дол, блиску до својата куќа каде го пронашла полицијата. Алкотестот бил негативен, меѓутоа токсиколошката анализа на Универзитетскиот клинички центар во Марибор покажала дека во крвта има значителни концентрации на психотропни супстанции. При прегледот на возилото, полицијата пронашла кутија таблети и кристална материја.

Сомнителниот пакет бил испратен во Националната форензичка лабораторија и евидентно било дека Анџело со себе превезувал амфетамини и дрога гама-хидроксибутират. Во неколку комплети, групата од четворица на кои Ѓоргиевски им бил предводник спакувала 60 милилитри гама-хидроксибутират – контроверзна дрога која го зголемува сексуалниот нагон, чувството на еуфорија и е користена од страна на сексуални предатори кога сакаат да онеспособат жртва и да ја силуваат. Оваа дрога е позната под уличното име „течно екстази“, претежно во течна форма, нема мирис и има малку солен вкус. Таа предизвикува ефект на поспаност. Помалите дози предизвикуваат ефект на еуфорија, а во повисоки дози корисникот може да се зашемети и да биде поспан. Ефектите на гама-хидроксибутират се јавуваат за само 10 минути по внесувањето во организмот, а траат од три часа до еден ден. Оваа дрога предизвикува губење на меморијата.

Во „фабриката“ на Ѓоргиевски имало и таблети амфетамин, два литри течен амфетамин и таблети лоразепам.

Исто така, полицијата пронашла две соби специјално прилагодени за одгледување канабис, со 12 садници, дигитални ваги и ловечка пушка со двоглед и муниција.

За обвинението клучно било и тоа што освен оваа дрога, пронајдена била и машина за производство на апчиња односно таблети со различни логоа.

Ѓоргиевски во Северна Македонија нема криминално досие, со исклучок на едно дело за непочитување на здравствени прописи. Тој е осомничен за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кого го нападна со удари во лицето по што ракометарот им подлегна на повредите. Второ и третоосомничени се деветнаесетгодишната Клементина Левковска и дваесет и двегодишниот Андреј Костовски од скопско Ново Село. Според снимките од безбедносните камери пред дискотеката „Привилиџ“ која ноќта кога се случило убиството, организирала забава иако немала лиценца за работа, второобвинетата продолжува да го клоца Тот иако тој е неподвижен. Неофицијално, ракометарот и осомничените за неговото убиство заедно поминале околу три часа во дискотеката, пиејќи виски и енергетски пијалаци. Во дискотеката немало проблеми и инцидент, меѓутоа тоа се сменило кога влегле во таксито пред клубот. Тогаш меѓу нив ескалира конфликт кој за ракометарот беше фатален.

Анџело Ѓоргиевски, шест дена беше во бегство и за него распишани беа централен распис и меѓународна потерница. Веќе истата вечер тој им се предаде на полициските службеници во скопската населба Аеродром и преместен е во истражниот затвор Скопје во триесетдневен притвор, исто како и второ и третоосомничениот. Обвинителството ги товари за кривично дело убиство и располага со снимки и од дискотеката и од системот за безбедност „Сејф Сити“ каде детално се гледа текот на кривично правниот настан.

Уште се чека на извештајот од обдукцијата кој беше извршен на Институтот за судска медицина, заедно со токсиколошките анализи на Тот. Во меѓувреме, обвинителството не открива дали за присуство на дрога и алкохол тестирани биле осомничените за убиството на ракометарот. Доколку се утврди присуство на дрога кај нив, тоа се смета за отежнителна околност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот