Која е Анџела Агелер, новата американска амбасадорка во Македонија

Актуелната амбасадорка Кејт Мери Брз (лево) и Анџела Агелер (десно) која се очекува да биде нова шефица на мисијата на САД во земјава

Новата номинирана американска дипломатка од претседателот Џо Бајден за иден амбасадор на САД во земјава Анџела Прајс Агелер е долгогодишен дипломат со професионална кариера која прецизно ги познава состојбите во земјава, зборува македонски јазик и Македонија честопати ја нарекува свој втор дом.

Анџела Прајс Агелер, дипломатка од кариера, е номинирана од американскиот претседател Џо Бајден да биде нова амбасадорка во Скопје, Северна Македонија, соопшти Белата куќа.

Досега таа беше в.д. амбасадорка и заменичка на амбасадорот во Исламабад, Пакистан. Претходно има работено на разни функции во Стејт Департментот и во амбасадите во Париз, Ханој, Њу Делхи и Будимпешта, како и во амбасадата во Скопје, задолжена за односи со јавноста.

Нејзиниот мандат беше во времето на амбасадорите Филип Рикер и Пол Волерс во земјава од 2011 до 2014 година, период кога Македонија бележеше константен пад на медиумските слободи и демократските процеси.

Таа презеде низа активности против негативните процеси поттикнати од затворањето на телевизијата А1 и промената на сопствеништвото на МПМ од германско во македонско, како и несигурноста во новинарската средина поттикната од сообраќајната несреќа во која загина основачот на „Фокус“, Никола Младенов.

Како американски дипломат во Скопје Агелер беше гласна во одбрана на слободата на медиумите, како и заштита на граѓанските права и слободи што тогаш беа задушувани од власта на Никола Груевски. Беше еден од иницијаторите за првата ЛГБТ Парада на гордоста во Македонија.

Домашните познавачи на состојбите коментријаќи го номинирањето на нов амбасадор во земјава од страна на Бајден го гледаат како одличен потег на Вашингтон во процесот на затворањето на круцијалните прашања за земјава.

Петар Арсовски за „Слободен печат“ вели дека доаѓањето на искусниот долгогодишен американски дипломат која прецизно ги познава состојбите во земјава говори дека нејзината помош ќе биде прецизна и повеќе од добредојдена.

Петар Арсовски, политички аналитичар / Утрински брифинг
Петар Арсовски, политички аналитичар / Утрински брифинг

Мислам дека секое нејзино ангажирање на новата амбасадорка Анџела Прајс Агелер ќе биде добродојдено. Нејзиното назначување овдека од страна на Бајден особено ако се погледне нејзиното портфолио ќе се заклучи дека амбасадорката доаѓа во земја која можеби е кризно жариште и ќе се обиде да го стабилизира. Со назначувањето на Агелер за американска амбасадорка во земјава, Македонија ќе биде во голема предност бидејќи таа добро ги познава работите, говори македонски и нема да има потреба од нејзино дополнително приспособување. Повторувам таа е искусен долгогодишен дипломат со професионална кариера која прецизно ги познава состојбите во земјава – оценува Арсовски

Инаку, идната амбасадорка на САД во земајва, дипломирала на Универзитетот во Јута, а покрај англиски, одлично зборува француски, македонски и хинди. Агелер е добитник на бројни награди на Стејт департментот, вклучувајќи ја и наградата за помошник секретар за извонредност и наградата Милдред Синклер за јазик.

Дипломатката Агелер е мажена за високиот службеник за надворешни работи, Брајан Агелер со кого има ќерка Меделин која работи како новинарка во Њујорк.

Прајс Агелер, по потврдувањето на нејзината номинација во Сенатот, се очекува да дојде на местото на сегашната амбасадорка Кејт Мари Брнз, која беше назначена за дипломатски преставник во Скопје во мај 2019 година. Вообичаено процесот од номинација до конфирмација трае околу 67 дена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот