АНАЛИЗА: Четири сценарија како Пекинг може да го нападне Тајван со помош на Русија

ФОТО : Кинеска народна армија | EPA-EFE/PAVEL GOLOVKIN / POOL

Во екот на тензиите меѓу Кина и Тајван, стигна веста дека и САД планираат да се приклучат на воените вежби во таа област. Сепак во пишувањата на светските медиуми и правањето прогнози што ќе се случува во односите меѓу Тајпеј и Пекинг во случај Кина да одлучи да го нападне Тајван, аналитичарите веруваат дека постојат четири клучни сценарија, пишува британски „Телеграф“.

Имено Пекинг како што наведуваат медиумите постојано се закануваше дека ќе го преземе островот на кој ги бара сите права, а Кина со денови во таа насока одржува воени вежби, опколувајќи го островот за да ја покаже својата доминација и сила. Практично вежбите уследија по посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, која е највисокиот функционер што ја посетил земјата во последните 25 години.

Иако првично беше кажано дека вежбите ќе завршат овој викенд, Пекинг се предомисли и одлучи да ги преименува во редовни воени вежби, што значи дека нема да престанат, барем не во блиска иднина додека траат тензиите во регионот.

Најголемите воени вежби на Кина во овој век

Во меѓувреме тајванската војска објави дека 20 кинески воени авиони и 14 воени бродови учествувале во вежбите во саботата, а кинески беспилотни летала повторно биле забележани над островот Кинмен, кој е под управа на Тајван. Вежбите ја претставуваат најголемата кинеска демонстрација на воена сила откако ракетни воени вежби во средината на 1990-тите ги поттикнаа САД да испратат два носачи на авиони во Тајванскиот теснец.

ФОТО: Тајвански – борбени авиони Мираж 2000 | EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Многумина веруваат дека нивната крајна цел е обединување на Тајван со Кина, што е дел од стратегијата на претседателот Си Џинпинг за „оживување“ на кинеската нација до 2050 година.

Пекинг учи од лекциите на Русија?

Пекинг, наводно, детално ја проучувал инвазијата на Москва врз Украина и одговорот на Западот за да види какви лекции треба да научат кинеските вооружени сили. Кина, наводно, заклучила дека на западните лидери им биле потребни најмалку два дена да одговорат на бруталниот напад на Путин врз Украина на 24 февруари и да го гледаат како клучен временски период во кој може да се постигнат неповратни придобивки. Откако Русите не успеја да го освојат Киев и да ја соборат владата на Володимир Зеленски во првите 48 часа од војната, Си сега верува дека Москва широко ја отвори вратата за значителна поддршка од Западот, пренесува британски Телеграф.

ФОТО: Тајванска морнарица | EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Ќе биде од клучно значење за Кина да избегне да ја направи истата грешка со Тајван, ако сака да избегне долготрајна војна што може да и се врати на кинеската комунистичка партија, наведува британскиот медиум. Сепак од друга страна Западот верува дека ако Тајван, најголемиот светски производител на микрочипови, на крајот падне во рацете на Кина, тој може засекогаш да исчезне.

Сето ова води до двете најголеми неодговорени прашања – кога и како?

Тајван претходно предупреди дека нападот може да се случи веќе во 2023 година. Други аналитичари предвидуваат дека тоа ќе се случи подоцна, но повеќето се согласуваат дека нападот сигурно ќе биде обид во одреден момент.

1. Кина го блокира Тајван

Продолжувањето на воените вежби може да се искористи за финансиски, економски и оперативно исцрпување на Тајван. Ова би ги исцрпило вооружените сили на Тајван, кои би биле во состојба на готовност долго време. Исто така дел од западните аналитичари прогнозираат дека таквиот чекот ќе и овозможи на Кина да распореди воени сили на најдобри можни позиции за да може брзо да изврши напади. Користејќи ги вежбите како оние што се спроведуваат оваа недела како изговор, лесно може да се спроведат трупу и воспостави зона за забранети летови за да се изолира Тајван од каква било надворешна меѓународна помош.

ФОТО: Здружени воени вежби на кинеската армија | EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Според генерал-мајор Менг Кси-јангкинг, професор по стратегија на Националниот одбранбен универзитет во Пекинг, седумте зони каде кинеските сили во моментов спроведуваат вежби беа избрани поради нивната важност во потенцијалната кампања за затворање на островите и спречување на странска интервенција. Генералот вели дека силите на кинеската Народноослободителна армија лоцирани на истокот од островот ќе дејствуваат како „разграничувачка линија“ за да спречат други земји, првенствено САД, да интервенираат воено. Иако според него би имало негодување и тоа секако би имало влијание врз меѓународните бродски патеки, малку е веројатно дека ќе се постигне поцврст меѓународен договор околу ова прашање.

2. Кина ги напаѓа островите Мацу и Кинмен

Малите острови во провинцијата Фуџијан, од кои некои се наоѓаат на помалку од 10 километри од кинеското копно, долго време се сметаат за дел од кинеската територија. Тука спаѓаат островите Мацу, северозападно од Тајван и Кинмен, синџир на острови источно од брегот на кинескиот град Ксијамен. Како одраз на сопствената сила, но и за тестирање на решителноста на Западот, Пекинг би можел да нападне некои или ги завземе сите острови, кои во исто време се дом на околу 20.000 луѓе, со минимални трошоци. Островите се доволно мали што многу земји можеби не сакаат да ризикуваат сеопфатна војна за нив. Сепак, Законот за односи меѓу САД и Тајван ги смета островите како дел од Тајван, па Вашингтон може да се чувствува принуден да интервенира. Само по себе, преземањето на островите би понудило „многу ограничена награда во споредба со ризикот што е вклучен“, сметаат аналитичарите.

ФОТО : Поморски воени вежби на Пекинг | EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

3. Што ако Кина изврши воздушен и ракетен напад врз копното на Тајван

За да се обиде да го ослабне Тајван, а истовремено да го намали ризикот од целосна инвазија, Пекинг би можел да се одлучи за ограничени воздушни напади а тие влегуваат во третото потенцијално сценарио, според пишувањата на западните медиуми. Крајбрежните одбрани, радарите и аеродромите би биле нивните најверојатни цели. Кина веројатно би избегнала таргетирање на главните центри за население за да го привлече Тајван на преговарачка маса без да создаде жртви за да не ја зајакне решеноста на јавноста во одбраната. Тоа би било значајна воена ескалација, но Кина може да смета дека ограничената природа на какви било напади би била помала веројатност да предизвика одговор на Западот.

Во ова сценарио, САД најверојатно ќе ја зголемат подготвеноста на своите сили во регионот, особено оние во Јапонија. Токио, исто така, би можел да ја стави својата војска во готовност, фокусирајќи се конкретно на способноста за балистички ракети на Кина.

Таквиот потег би ризикувал „да падне во најлошото од двата света“, односно да предизвика доволно штета на Тајван за да го принуди остатокот од регионот да обрне внимание, но не доволно за суштински да ја промени стратешката ситуација тврдат аналитичарите во своите прогнози за запдните медиуми.

ФОТО : Кинеските медиумите за тензиите со Тајван | EPA-EFE/WU HAO

4. Кина започнува целосна копнена инвазија

Од друга страна како четврто и последно сценарио, дел од познавачите на состојбите велат дека во случај на сеопфатен напад, Кина ќе се обиде да ги приземји војниците на стратешките точки, брзајќи низ Тајванскиот теснец долг повеќе од 100 километри под закрила на проектили и борбени авиони за да го одвлечат вниманието на бранителите.

Сајбер војната најверојатно исто така ќе се користи во голем обем за да ги наруши облиците на комуникација на Тајван и да се сее паника кај општата популација. Целта би била што поскоро физички да се совладаат одбраните на Тајван и да се скрши нивната волја за отпор.

Што се однесува до нападите од морето, кинеската флота и подморниците ќе се обидат да ја уништат тајванската морнарица, како и секој брз авион што ќе се обиде да го запре напредувањето на носачите на војници или да постави мини на стратешки места за слетување. Кинеската морнарица, исто така, ќе дејствува како параван на север и исток, отсекувајќи ги сите потенцијални засилувања од Јапонија или САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот