Ана Павловска-Данева е избрана за уставен судија

Фото: Принтскрин, Јутјуб

Со 65 гласа „за“, 26 „против“ и без воздржани, на 140-тата собраниска седница за судија на Уставниот суд на е избрана Ана Павловска-Данева, професорка на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. По гласањето таа даде свечена заклетва дека функцијата ќе ја извршува одговорно и со почитување на законите и Уставот.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против предлогот на владејачкото мнозинство затоа што, не спорејќи ја нејзината стручност и дека е истакнат правник, сметаат дека со нејзиниот избор ќе се партизира Уставниот суд затоа што Павловска-Данева била и истакнат партиски функционер. Прашаа дали ќе биде независна од влијанието на СДСМ како некогашен пратеник и потпретседател на таа партија и дали како уставен судија ќе работи согласно Уставот и правдата или ќе биде послушник на власта.

Опозициските пратеници во расправата кажаа дека сè додека СДСМ и ДУИ се на власт, судството ќе биде неефикасно во борба со корупцијата, ќе биде партизирано и под политички притисоци и не веруваат дека Павловска-Данева ќе придонесе да се подобри довербата во судството која сега е 0 проценти.

На говорите на опозиционерите реплицираа три пратенички на СДСМ. Марија Георгиевска рече дека за стручноста на Павловска-Данева како правник говорат нејзини колеги и соработници, а за нејзиниот интегритет говори тоа што има критички став и кон власта, и кон опозицијата.

Жаклина Лазаревска им порача на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека не забораваат како во време на нивното владеење се избирале судии.

– Од некојси тефтерчиња … и сè уште на власт има „Сваровски“ судии. Парот Маневски одредуваше кои ќе бидат судии и обвинители. Тоа ќе го вратите назад? Прво да видиме какви сме ние, па да дискутираме какви се другите, рече Лазаревска.

Павловска Данева е професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и поранешна пратеничка на СДСМ. Студиите ги започнала на Правниот факултет при Московскиот Државен Универзитет „М.В. Ломоносов“ во Москва, а во 1993 година дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирала во 1998 година на тема „Омбудсман – заштитник на правата и слободите на граѓаните“.

Истата година била избрана за помлад асистент на научната област Управно право на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а веќе следната 1999 година била избрана за асистент.

Во 2004 година, се стекнала со научен степен доктор на правни науки, со одбрана на докторската дисертација на тема „Управни договори“ и е избрана за доцент на научната област управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, по што напредува во звањата и станува вонреден професор (2009 година) и редовен професор (2013 година). Таа е и постојан предавач во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Професорката Павловска-Данева беше предложена за уставен судија од СДСМ, откако партијата го повлече предлогот поранешниот јавен обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија.

Собранието по редовната пауза ќе продолжи со расправа за предлогот Љупчо Коцевски да биде избран за јавен обвинител.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот