Американската ДЕА уапси нарко-група на Плетвар!

Шестмина притворени, меѓу кои и висок полициски службеник, и запленети 200 килограми канабис, пари, оружје и муниција е досегашниот епилог од акцијата што во петокот попладне ја спроведе МВР со поддршка од американската агенција ДЕА.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ жестоко обвини за вмешаност на семејството Заеви, односно дека канабисот го превезувал возачот на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев, а Трајче Заев демантираше каква било поврзаност.

Пронајдено и оружје и пари

Акцијата била спроведена во најголема тајност за да не биде пробиена, дознаваат медиумите. Како во холивудски филм, биле пресретнати повеќе возила, меѓу кои и комбето со марихуаната, а како „чистач“ во едно од возилата бил и командирот на прилепската полиција.

Полицијата викендов информираше дека до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поднеле кривична пријава против криминална група составена од Д.Ј.(35) од Струмица, организатор на групата, и А.У.(45) од Скопје, М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Според соопштението, канабисот се превезувал во комбе, пред него возеле две возила, а акцијата била изведена кај селото Раец, на патот Прилеп-Росоман.
„Биле запрени патничко возило ауди А8, со скопски регистарски ознаки во кое биле пријавените К.С. и М.З.. Веднаш потоа е запрено патничко возило дачија дастер со скопски регистрски ознаки, управувано од А.У, каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило комбе, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со вкупно 200 килограми марихуана. Во Прилеп во исто време е лишен од слобода М.С., кој управувал товарно возило ивеко, со битолски регистарски ознаки, а во Гевгелија на бензинска пумпа е уапсен организаторот Д.Ј., кој управувал возило опел астра, со скопски регистарски ознаки,“ информираше МВР.

Во соопштението се наведува и дека апсењата се резултат на повеќемесечна истрага што по насоки на јавен обвинител ја спровеле Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, во соработка со Одделот за спречување на организиран криминал, а со поддршка на Американската служба за борба против дрога – ДЕА, како и специјалната антитерористичка единица „Тигар“. Полицијата информира дека е вршен претрес кај А.У. во стан во Скопје и е пронајдено поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут, а при претрес во стан во Битола се пронајдени 13.600 евра и 50 илјади денари, колекција луксузни часовници, како и документација за фабрики за производство на канабис во медицински цели. Кај М.З. во Куманово се најдени два пиштола и куршуми, а кај К.С. од Прилеп се пронајдени поголема количина пари. Кај Д.Ј. од Струмица се пронајдени мобилни телефони и пари, а кај М.С. во Битола имало обоени евра кои потекнуваат од кражба на банкомат.

ОЈО со поинакви детали

Соопштение, но со малку поинакви детали, испрати и Обвинителството, кое откри дека продажбата на канабисот се договарала со лице од Грција.

– Осомничените набавиле, држеле и пренесувале наркотична дрога марихуана со вкупна тежина од 199,4 килограми. На почетокот на овој месец првоосомничениот струмичанец (34), откако пронашол потенцијални купувачи договорил неовластена набавка со второосомничениот скопјанец (45), кој дрогата ја држел на засега неутврдена локација. Тој ги ангажирал останатите осомничени, и тоа 36-годишниот битолчанец неовластено да ја пренесе дрогата до паркинг во с.Радобил, а останатите осомничени – 24-годишен скопјанец, 46-годишен прилепчанец и 24-годишен кумановец со возила што тие ги управувале да го придружуваат возилото со кое се вршел преносот на дрогата. Купопродажбата за засега неутврдена сума била договорена со НН-лице од Грција и требало да се реализира во петокот во Радобил. Првоосомничениот, откако со второосомничениот ги договориле деталите на примопредавањето на дрогата и улогите на останатите, се упатил кон Гевгелија. Дрогата била префрлена од товарно возило „ивеко“ со македонски регистарски ознаки во комбе „цитроен џампер“ со грчки регистарски ознаки, а осомничените се упатиле во различни правци. Осомничениот кој го управувал „ивекото“ се упатил кон Прилеп, а останатите осомничени со три патнички моторни возила и товарно возило во кое била дрогата, движејќи се во колона еден зад друг се упатиле кон Градско, а кај с.Раец биле запрени и лишени од слобода – информира Обвинителството.

Оттаму додаваат и дека е извршена контрола во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува, Трајче Заев демантира

Од Владата не излегоа со соопштение за јавноста во врска со акцијата на полицијата и американската ДЕА и бројните обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ дека зад овој криминал стои семејството Заеви.

„Владата очекува брза и темелна истрага од надлежните инситуции, одговор на прашањата кои се од интерес на јавноста и неселективно постапување без разлика за кого станува збор. Доколку некој постапил незаконски, мора да се соочи со одговорност. Во врска со сопственост на возила на приватни субјекти ве упатуваме за тоа да прашате во компаниите кои се предмет на интерес“, одговорија од Владата на прашањето на „Слободен печат“ за коментар.

Детали за акцијата и од истрагата, но и со серија обвинувања на сметка на братучедите на премиерот, вчера изнесе портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, кој обвини и дека Трајче Заев избегал во Дубаи.

– Трет ден молк за аферата „Картел Заеви“, дали директно е вмешан Трајче Заев, но и Бобан Заев, кои што се први братучеди на Зоран Заев, во случајот со запленета дрога марихуана, во вредност од над 800.000 евра? Дали ја превезувале возачот на Трајче Заев, Ушилковски, оној кој, како што знаете, на сред „Рекорд“ шерифски паркираше со Трајче Заев најнов „мајбах“, додека шефот му одеше во шопинг, како и командирот на ПС Прилеп, Кире Спиркоски – Чипсио, кој е важен кадар на СДСМ, на Оливер Спасовски и Зоран Заев. Запленетата дрога била превезувана во бело комбе со грчки таблички, на име на фирма за која јавно прашавме дали има партнерски односи со фирма на Заеви? Дрогата доаѓала директно од фирмата „Медикал 420“ од Битола, фирма чија лиценца ја потпиша и одобри лично Зоран Заев како премиер, каде што при увидот според наши информации фалеле над 10.000 стебла со марихуана, а тоа се повеќе од 200 килограми. Секое стебло мора да има свој евидентен број, а овде фалеле над 10.000 стебла. Затоа, уште еднаш јавно прашуваме, дали комбето со кое е превезувана марихуаната од нарко-дилерите Ушилковски и Чипсио е во сопственост на фирма-партнер на Трајче и Бобан Заеви? – вели Арсовски.

По обвинувањата на негова сметка вчера преку Фејсбук се огласи Трајче Заев, кој демантираше каква било поврзаност со запленетиот канабис.

– Два дена следам како еден политички субјект исклучиво заради сопствени политички цели се обидува да го извалка моето и името на компаниите во сопственост на Заеви. За да биде јасно на целата македонска јавност, сакам да објавам дека споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23 март во Обединетите Арапски Емирати, со цел проширување на работата на нашите компании – напиша Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот