Амбасадорката Анџела Агелер / Фото: Слободен печат
Амбасадорката Анџела Агелер во редакцијата на „Слободен печат“ / Фото: Слободен печат

Американската амбасада потврди дека Агелер си оди – десетици дипломати од времето на Бајден се отповикани

Амбасада на САД во Македонија потврди дека амбасадорката Анџела Агелер е отповикана од претседателот Доналд Трамп и дека таа ја напушта позицијата.

„Длабоко сме ѝ благодарни на амбасадорката Агелер за нејзината служба во Северна Македонија во изминатите три години и сме посветени на обезбедување непречена и ефективна транзиција што ќе им даде приоритет на мисијата на САД и нашите дипломатски односи. Амбасадата ќе продолжи да работи нормално во текот на овој процес“, соопшти Амбасадата.

Како што јавија американските медиуми, администрацијата на Трамп повлекува триесетина амбасадори поставени во времето на претходниот претседател Џо Бајден. Од Стејт департментот не ги коментираа промените, но соопштија дека се работи за стандарден процес во секоја администрација. Најмногу смени има во Африка, каде се повлечени амбасадорите од 13 земји. На второ место е Азија со промени на амбасадорите во шест држави. Во Европа, покрај во Македонија, смени ќе има и во Ерменија, Црна Гора и Словачка.

Според „Политико“, промените се обид за преобликување на американските дипломатски претставништва и поставување кадар, за кој се смета дека целосно ги поддржува приоритетите на Трамп за „Америка на прво место“.

Агелер беше испратена за амбасадорка на САД во Македонија од администрацијата на Џо Бајден во мај 2022 година. По процесот на одобрување, таа ги предаде акредитивните писма на 8 ноември 2022 година. Таа претходно имаше долгогодишно искуство како вработена во амбасадата во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот