Алили: Продолжува вакцинацијата на повозрасните лица, се намалува бројот на хоспитализирани

Фото Миа

Со пристигнувањето на втората пратка вакцини од Астра Зенека, во Дебар продолжи имунизацијата на повозрасната популација.

-Со оваа пратка имаме на располагање 100 дози вакцини, а се вакцинираат лица на над 70-годишна возраст од општините Дебар и Центар Жупа, кои веќе се пријавиле преку електронски пат или преку нивните матични лекари. Процесот се одвива непречено во Службата за вакцинација во нашата болница и досега потрошени се повеќе од половина од пристигнатите дози, изјави за МИА, Баки Алили, директор на Општата болница со проширена дејност во Дебар.

Вакцинацијата на повозрасната популација од 77 години почна на шести април кога тука пристигна првата пратка, од исто така 100 дози.  Досега, кај ниту едно од околу 160 вакцинирани лица не се забележани нуспојави.

Во меѓувреме, според Алили, се намалува бројот на пациенти во Ковид центарот, кој од ноември минатата година, функционира во инфективното одделение на оваа болница.

-Во нашиот Ковид центар хоспитализирани се шест  пациенти, од нив петмина на кислородна поддршка. Амбулантски се лекуваат во просек по седум, кои доаѓаат тука, добиваат потребната терапија, одмараат малку и заминуваат дома. Намален е и бројот на оние кои доаѓаат за преглед, додава тој.

На подрачјето на двете општини, овој месец, опасниот вирус е дијагностициран кај 68 лица, во списокот на оздравени се впишани 70, додека починале четири лица.

Од почетокот на пандемијата до сега регистрирани се 927 случаи, активни на болеста се 48, а починале 42 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот