Алијанса ќе чека понуда до крајот на неделава, СДСМ спремен да го „жртвува“ Тупанчески

Никола Тупанчевски, министер за правда/Фото: Скриншот/Радио Слободна Европа

Министерот за правда Никола Тупанчески, кој при формирањето на новата влада од премиерот Димитар Ковачевски беше најавен како големо изненадување, извесно е дека ќе биде сменет со кадар од Алијанса за Албанците (АА), ако партијата предводена од в.д. претседателот Арбен Таравари влезе на „Илинденска“, вели за „Слободен печат“ висок функционер на СДСМ. И Алијанса отворено изрази желба доколку стане дел од владејачкото мнозинство да раководи со ресорот правда.

Од друга страна, функционери од АА велат дека премногу трае процесот дали ќе станат дел од владиното мнозинство и дека ако до идната недела Ковачевски не излезе со конкретна понуда до претседателот на АА Таравари, ќе кренат раце и ќе останат опозиција.

Според извори од власта, можниот влез на АА се очекува по 10 декември, период во кој се очекува Ковачевски и Таравари да се усогласат околу концептите кои ги обединуваат, разликите и можните решенија за прашањата за кои не се согласуваат. Кои три ресори ќе ѝ припаднат на АА, нашиот извор од СДСМ вели дека ќе зависи од интересот на партијата и договорот со коалициските партнери ДУИ и Алтернатива. Ковачевски ќе бара Таравари да понуди квалитетни кадри за ресорите за кои е заинтересирана АА.

Неофицијално, освен ресорот правда, АА е заинтересирана и за здравство, со кое сега раководи министерот Беким Сали од Алтернатива, а се споменуваат и ресорите информатичко општество, на чие чело е Адмирим Алити од Алтернатива, како и министерствата за образование и за животна средина, предводени од Јетон Шаќири и Насер Нуредини, двајцата од ДУИ.

– Добро е што АА излегува со конкретни позиции со кои ресори би сакала да раководи. Ако понудат саглам кадар, правда може да ја отстапиме на АА. Битно е да се договориме за концепт кој обединува, а уште побитно е да видиме дали се можни решенија за тоа што нè разединува. Од зависност од ресорите за кои се заинтересирани и од понудата на кадри кои би раководеле со тие министерства, ќе зависи и договорот за распределба на министерствата. На година и пол пред избори не смееме да дозволиме неквалитетни да раководат со министерства. Намерата е СДСМ, ДУИ и Алтернатива да отстапат по еден ресор – вели функционерот на СДСМ.

И пратеникот на АА Халил Снопче изјави дека би било добро да раководат со ресорот правда.

– Ако го критикуваме нефункционирањето на правдата, неспроведувањето на законите, високото ниво на корупција, нормално, Министерството за правда и некои дирекции што се поврзани со функционирањето на правдата, логично би било АА да го побара ова министерство. Имаме капацитет да управуваме со овој ресор – вели Снопче.

Тој повтори дека уште нема конкретна понуда да станат дел од владиното мнозинство.

– Има средби на ниво на заменици, но не можеме да зборуваме за директни преговори штом нема конкретна понуда. Ќе анализираме врз основа на понудата која мора да содржи идеи, ресори со кои ќе раководиме – изјави Снопче.

Функционер од АА за „Слободен печат“ вели дека власта одолговлекува со понудата, што создава нервоза во партијата. Според него, ако до следната недела не добијат конкретна понуда, ќе биде јасно дека власта тактизира и АА ќе стави крај на тоа.

Од владините партнери досега само Алтернатива јавно одби да отстапи ресор за влез на АА во Владата. Ако ова предизвика несогласувања кај владините партнери, се игра на картата ДУИ да отстапи две министерства, со оглед на тоа што најголем бенефит од влезот на АА на „Илинденска“ ќе имаат интегративците, бидејќи ќе ја амортизираат т.н. „огнена група“.

Видео на денот