Алексијоски: Нема излевање на фекалии од Колекторскиот систем во Охридското Езеро

Фото: mia.mk

Вонредната инспекциска контрола врз работењето на Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро покажа дека нема поголеми отстапувања од функционирањето, ниту излевања на фекални води од колекторот во езерото.

Според соопштението што до медиумите го достави директорот на Јавното претпријатие „Колекторски систем”, Владимир Алексијоски, спроведната проверка од страна на Државниот инспекторат за животна средина по претставка на политичката партија „Левица” покажала дека проблемот на излевање на количество на отпадни води (во голем процент атмосферски води) во езерото не е последица на неработењето на Колекторскиот систем.

Според Алексијоски, нема излевање на фекални води во езерото и нема непријатна миризба, освен кај препумпната станица во месноста „Орце Николов“, каде е евидентирано ниско ниво во собирниот базен и се чувствувал непријатен мирис.

Во извештајот од спроведниот надзор е констатирано дека единствено во населбата „Далјан“ се евидентирани излевања на атмосферски води преку преливните цевки кои се влеваа во водите на езерото, без притоа да има миризба и присуство на фекалии.

Директорот Алексијоски истакна дека претпријатието работи транспарентно, со забелешка дека несоодветни изјави за нефункцинонирање на системот за заштита на езерото не помага во решавањето на проблемите.

– Радува фактот што конечно грижата за нашиот бисер е во интерес на многумина. Но, како и до сега така и сега, продолжуваме транспарентно да работиме и известуваме. Никако не можеме да дозволиме, со децениските проблеми што отпочнавме да ги решаваме и продолжуваме, и натаму поедини лица и институции да нè омаловажуваат и окривуваат, сакајќи да добијат ситни поени. Секојдневното излегување со извитоперени изјави и коментари не помага во решението на проблемите, изјави Алексијоски.

Политичката партија „Левица” пред два дена поднесе иницијатива за вонреден инспекциски надзор на Колекторскиот систем, како последица на реакција на граѓани за засилено загадување и уништување на животната средина преку истекување отпадни води и фекалии надвор од цевководот на системот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот