Александар Гулевски објави книга со иконографски и теолошки дешифрирања на македонскиот средновековен живопис
Во издание на Меѓународниот центар за православни студии во Ниш (Србија), деновиве излезе од печат монографијата „Иконографски студии за литургијата и други студии за црковната уметност и култура во Македонија“ од Александар Гулевски.
Препорачано
Капиталното дело на Александар Гулевски на 320 страници (збогатено со 60 колор илустрации) претставува значаен исчекор во проучувањето на византиската и поствизантиската уметност кај нас. Во првиот дел од монографијата, Гулевски го нагласува литургискиот аспект на живописот, третирајќи го не како обична декорација, туку како длабок догматски израз.
Рецензентот проф. д-р Слаѓана Ристиќ Горгиев (Филозофски факултет – Ниш) посочува дека авторот нуди нови толкувања на неколку клучни споменици во Македонија: Св. Софија во Охрид, Св. Пантелејмон во Нерези, Св. Никола во с. Манастир, Св. Андреј на реката Треска.
Вториот дел на книгата носи низа интердисциплинарни студии што го осветлуваат духовното и историското наследство на Македонија. Меѓу нив се издвојуваат анализите на: Графиката на св. Наум Охридски од Христофор Жефаровиќ (XVIII век), сребрената кутија (кивот) со моштите на св. Климент Охридски, Житието и мачеништвото на битолскиот новомаченик св. Ангел Битолски, како и мистериозниот натпис на иконата на св. Екумениј од Трикала, кој го споменува царот Самоил и Хераклеја (Битола).

Според рецензентот проф. д-р Елизабета Димитрова (Филозофски факултет – Скопје), Гулевски настапува со „прониклив манир на искусен истражувач“, додека Ристиќ Горгиев заклучува дека овој труд претставува методолошко поместување – докажувајќи дека иконографскиот јазик може да се разбере единствено низ светлината на литургиската теологија.
Монографијата е конципирана како „иконографски панегирик“ што успешно гради мост меѓу уметноста, догматиката и философијата. Таа е неопходна лектира за историчарите на уметноста, теолозите и сите истражувачи на македонскиот културен идентитет, потсетувајќи нè на разликата меѓу живописот како естетска пројава и живописот како средство за духовна средба.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 331, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.5.2026)


