Албумот „Апокриф“ се вклопува во созвучјата на светската музика

Скопскиот џез-фестивал, на 21 јули, во „Буква“, го промовираше компакт-дискот „Апокриф“, како прво издание на Добрила и Дориан дуо, а кое се појавува по нивниот одличен концерт на минатогодишниот „Оф-фест“.

Албумот содржи седум традиционални композиции од македонското музичко поднебје, во аранжман и изведба на тандемот Грашеска/Јовановиќ. Дизајнот на обвивката е на Зоран Кардула, а албумот „Апокриф“ е објавен како 45. издание на „SJF Records“.

На промоцијата на албумот Оливер Белопета нагласи дека „во екот на масовната естрадизација на македонската музичка култура, која не се случува спонтано, туку ужива и одредена поддршка од највисоките институции во државата, вакви изданија се многу ретки. Тука е нашето задоволство, бидејќи ако го слушате внимателно ќе забележите дека албумот е длабоко нурнат во македонската традиција, а истовремено се вклопува во созвучјата на светската музика“.

Вокалната солистка Добрила Грашеска е позната по својата работа со „Чалгија саунд систем“, додека Дориан Јовановиќ е еден од основачите на „Стринг форсис“, а работел и во повеќе други музички проекти. Материјалот објавен на „Апокриф“ е нивна зен-реакција по повеќегодишно заедничко созревање, размислување и анализа на она што би можело да се направи од македонската музика и што со неа би можело да произлезе.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 90, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 24-25 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот