Елиса Спиропали и Тимчо Муцунски / Фото: Фејсбук

Албанија сега од повисока позиција нè охрабрува на нашиот пат кон ЕУ

Албанија го поддржува европскиот пат на Северна Македонија, не само поради тоа што двете земји се партнери, туку затоа што Македонија со силни институции е сигурност за целиот регион, порача албанската министерка за Европа и надворешни работи, Елиса Спиропали, која престојува во прва официјална посета на земјава.

„Овој процес не го гледаме како натпревар меѓу земјите кандидатки, туку како пат кој го одиме заеднички, како дестинација која е неизбежна и приородна припадност на нашите народи. И затоа силно го поддржуваме евроатлантскиот пат на Северна Македонија“, рече Спиропали.

Таа нагласи дека поддршката на Албанија е и поради фактот што во Македонија живее „државотворен народ“ кој според последниот попис изнесува 33 проценти.

Албанија во моментов е во напредна фаза на преговорите со ЕУ, отворајќи ги сите шест кластери за само 13 месеци, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Муцунски зборуваше дека културните врски меѓу двете земји се силни, како и во делот на заштита на македонското национално малцинство во Албанија.

„Со Елиса често се гледаме во последниот период, на многу различни форуми, насочени кон нашите заеднички приоритети. Посебно ме радува што во рамките на нејзиниот мандат како министер за европски прашања и надворешни работи одлучува една од нејзините први посети во регионот да биде токму во Скопје“, рече Муцунски.

Во одговор на новинарски прашања за европскиот пат, Муцунски рече дека државен интерес е изнаоѓањето решение за спорот со Бугарија. Тој вели дека кај европските институции и земјите членки постои сè поголема свест за специфичноста на македонскиот случај, кој не може да се споредува со ниту еден друг во поновата историја на интеграциите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот