Актерката Ана Левајковиќ-Бошков одбележува 30 години актерска кариера во Театарот за деца и младинци
На сцената на Театарот за деца и младинци – Скопје, на 24 декември, во 19 часот, актерката Ана Левајковиќ-Бошков ќе одбележи 30 години актерска кариера, посветени на најискрената и најпребирливата публика – децата. Јубилејот ќе биде одбележан со изведба на култната претстава „Црвенкапа“, која годинава ја надмина бројката од 300 изведби.
Препорачано
Вработена во Театарот за деца и младинци од 1995 година, Ана Левајковиќ-Бошков во својата богата професионална биографија има остварено 56 улоги во матичниот театар, оставајќи длабока и трајна трага во македонскиот детски театар. Нејзината уметничка патека е обележана со исклучителна посветеност, искреност и љубов кон сцената, вредности што ја направија препознатлива и сакана од генерации публика.
„Тоа не се само бројки на хартија, тоа е мојот живот“, истакна Ана во неодамнешното интервју за „Слободен печат“, опишувајќи ги трите децении на сцената како чест и благослов. За неа, играњето за деца значи „срце отворено како дланка“ и целосна предаденост на вистината бидејќи детската публика не бара совршенство, туку искреност.
Одбележувањето на јубилејот ќе помине во духот на благодарност и театарска игра – таму каде што сè започнало. Со изведбата на „Црвенкапа“, претстава што за неа претставува еден од нејзините „театарски животи“, Ана ќе прослави три децении љубов, упорност и уметничка мисија посветена на убавата страна на детството.


