Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Ако ви „згусти“, трчајте до молови и кафулиња, Скопје нема јавни тоалети!

Зошто градот, во кој бројот на туристите е сѐ поголем, не се потруди да обезбеди јавни вециња или да ги направи барем функционални постојните, не е јасно, иако граѓаните со години посочуваат на овој проблем.

Во Скопје нема јавни тоалети, затоа што ниедна од градските власти не се погрижи досега да изгради и покрај тоа што скопјани со години укажуваат на овој проблем. Веројатно сметаат дека овие објекти не се приоритетни за градот, во кој навистина недостасуваат многу содржини.

Доколку некому му притреба тоалет додека шета или се рекреира во паркот, ќе мора да се стрпи до дома, а неретко се случува доколку некому ептен му „згусти“, да се олесни покрај дрвјата или грмушките. И ова не се случува само во паркот, туку и во секое подзасолнето аголче низ градот.

На скопјани и на гостите во главниот град, кога имаат потреба од тоалет, на располагање им се оние во кафулињата, каде што посетата ќе ги чини најмалку колку едно кафе, затоа што никој од угостителите не дозволува користење тоалет доколку не станува збор за гостин во угостителскиот објект. Јавни тоалети на располагање на секој од посетителите има во моловите – и толку.

Според Законот за комунални дејности, надлежни за одржување на јавните тоалети се општините, а градските власти многупати се повикуваат и на Законот за Град Скопје, според кој јавните тоалети се во надлежност на општините. Сепак во предизборните кампањи на неколку градоначалници изградбата на вакви објекти беше едно од ветувањата што никогаш не се оствари.

Официјално под надлежност на Град Скопје се три јавни тоалети, два од нив се во Градскиот парк и тие се вон функција, како и вецињата под мостот „Гоце Делчев“, за чие одржување се грижи ЈП „Паркови и зеленило“. Но, влегувањето таму е на сопствена одговорност поради нечистотијата и смрдеата во нив. Низ градот, на повеќе локации се поставени и преносливи пластични тоалети, во кои се влегува само во крајна нужност.

Зошто никој во Скопје, во кој бројот на туристите е сѐ поголем, не се потруди да обезбеди јавни тоалети или да ги направи барем функционални постојните, не е јасно.Пред неколку месеци на повеќе локации околу мостот „Гоце Делчев“ и во Градскиот парк, беа поставени знаци со натписи што укажуваа на недостигот на јавни тоалети.

За жал, јавните тоалети веќе со децении не се функционални и се без основни санитарни услови за користење – истакна уметникот Озбек Ајваз, кој со акцијата сакаше да го потенцира барањето и потребата на граѓаните на Скопје за решавање на овој проблем.

Фото: Озбек Ајваз

Проблемот со недостигот на јавни тоалети во Скопје го актуелизираме на Светскиот ден на тоалетите, официјално прогласен од Обединетите нации уште во 2013 година, кој се одбележува секоја година на 19 ноември, со цел да инспирира акција за справување со глобалната криза за санитација.

Податоците говорат дека над 4,2 милијарди луѓе во светот немаат пристап до „безбедно управувана санитација“, а околу 673 милиони сè уште практикуваат дефекација на отворено.

Новинари за човекови права во соработка со Балканската мрежа за вода десет години го одбележуваат овој ден со цел подигнување на свесноста од итна потреба од изградба на јавни тоалети, но како што наведуваат, градските власти немаат слух за оваа тема.

Само колку за илустрација во 2021 година, по повод Светскиот ден на тоалетите, истакнавме дека градовите во Македонија или немаат јавни тоалети, или тие се нефункционални. Дополнително, само 18 отсто од територијата на државата е покриена со канализациска мрежа, што укажува на потребата од подобрување на санитарната инфраструктура – се наведува во нивното соопштение.

Оттаму денеска повикаа на итна акција од инвестирање во изградба и одржување на јавни тоалети, како и на подигнување на свеста кај граѓаните за нивното правилно користење и одржување.

Зошто се важни тоалетите?

Здравје: Безбедните санитарни системи спречуваат ширење опасни болести како што се колера, дијареја, тифус и дизентерија.
Достоинство: Пристапот до тоалет има огромно влијание врз човековото достоинство, особено во кризни и природни катастрофи.
Безбедност: За жените и за девојките, безбедните тоалети значат заштита од насилство и ризици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот