Ако се тече според планот на ДИК ќе имаме избори во октомври

Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Во првата половина на август, до ДИК треба да пристигнат над 200 терминали за гласање со отисок од прст за претстојните локални избори. Останатите до средината на септември, вели за Слободен печат претседателот на ДИК Александар Даштевски.

Според Даштевски, скенери ќе бидат набавени за сите избирачки места, 3.480, плус 10 проценти од вкупниот број, во случај техниката да затаи.

-Летово ќе треба да пристигне првиот контингент на машини за фингерпринт за локалните избори до ОИК за да можат професионални обучувачи да обучат по двајца членови. Најверојатно тоа ќе бидат претседателот и потпретседателот на Избрачкиот одбор, бидејќи со машините не би требало секој да ракува, затоа што станува збор за доверливи податоци. Во случај на евентуални нерегуларности одговорноста ќе падне на членовите од ИО кои ќе ракуваат со машините. Останатите гласачки машини треба да пристигнат во рок од 60 дена, што значи дека до почетокот на октомври ќе мора да бидат испорачани и инсталирани. Партиите се договорија локалните избори да се одржат во втората половина на октомври, па ќе има доволно време за нивно инсталирање. вели Даштевски.

Според Даштевски тендерската постапка е во завршна фаза и се очекува на први јули да бидат отворени понудите од фирмите кои конкурирале на тендерот за јавна набавка на околу 4.000 машини за гласање со отисок од прст.

-Тендерот е објавен на први јуни и до сега до ДИК нема пристигнато ниту една понуда. Првите понуди за набавка на електронските машини и софтверот ги очекуваме од 25 јуни до 30 јуни. Според процедурата на први јули, ќе бидат отварени понудите и со најдобрата потоа ДИК ќе склучи договор. По склучувањето на договорот почнува да тече жалбениот рок од 15 дена. По истекот на тој рок, тече времето за кој набавувачот се обврзал да ја испорача техничката опрема. До сега имаме одбиено три жалби во првата тендерска постапка. Кога ја одбиваме жалбата гледаме дали жалбата е основана, ги отклонуваме причините за потоа да нема основ за што да се жалат, Ако се биде во ред очекуваме најкасно до 20 септември да биде набавена опремата. Овој рок нема да го достигнеме доколку некоја жалба биде уважена а потоа тендерот да биде повлечен. Очигледно дека се нема да зависи од ДИК, бидејќи и МВР треба да има софтвер. Се што зависи од нас ние ќе го направиме, вели Даштевски.

Според поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски, целата постапка за набавка и обука на скенерите за отисок од прст требаше досега да биде завршена. Прашање е дали ќе има време да се имплементира бидејќи кај нас се оди споро, вели Новаковски за Слободен печат.

-Треба да се спроведат обуки за користење на фингерпринт машините а не да се чека до денот на изборите. Не смее пред избори да се експериментира со нешто што не е спроведено и видено како функционира. Ние за полесни измени сме имале проблеми, за едни изборни процеси подолг период и тоа го знае и јавноста, но, сепак политиката е политика се договориле, ќе мислат дека ДИК ќе треба да го спроведе и одговорноста ќе е на ДИК, вели Новаковски.

На 21 мај годинава Државната изборна комисија го објави првиот тендер за набавка на интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите. Неполни две недели подоцна, Бирото за јавни набавки го поништи. Официјалната причина беше тоа што во тендерот се барало „електронска идентификација на лица“ наместо „биометриска идентификација на гласачи“.

Партиите измената во Изборниот законик, да се гласа со отисок од прст, ја донесоа консензуално со цел да се обезбеди повисок степен на регуларност на изборите. И според власта и според опозицијата со електронска контрола на отпечатокот од прст (фингерпринт) ќе може да се гарантира дека едно лице гласа на едно место и не ќе може да гласа повторно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот