Ако продолжат да растат цените, ќе нема ни купувачи ни производители

Пазарење производи во маркети на каса / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Економистите велат дека цените не може да растат во недоглед затоа што се лимитирани од потрошувачката моќ на населението. Стопанствениците, пак, велат дека постои опасност од затворање компании

Секојдневно по некое ново изненадување во однос на цените демне низ продавниците. Трговците велат дека најново поскапување е на водата „Роса“, која вчера им ја доставиле со големопродажна цена од 24 денари за пакување од половина литар. По некој денар, во трговијата постојано се зголемуваат и цените на јогуртите. Во повеќе продавници може да се забележи дека место да ја пишуваат цената на килограм сирење, цените се излепени на вакумираните парчиња за одредената количина. Продавачите од една продавница ни објаснија дека кога ги имало цените по килограм, многу купувачи на каса кога ќе слушнеле колку чини едно парченце сирење, не сакале да го купат. На фрижидерите каде што се продава месо, видно има многу помалку купувачи од порано. Свинските ребра се речиси 400 денари, јунешка плешка е 700 денари.

Од друга страна, прошетката на „Слободен печат“ низ продавниците во Скопје покажа дека има големи акции со намалени цени, но главно на производи што не се основна храна, иако може да се видат попусти и на некои видови млечни производи. Купувачите, пак, долго ги анализираат цените, особено стоејќи пред фрижидерите за млечни производи. Тие се жалат и на сè помалите пакувања.

„Сè е поскапено, сè е смалено. Еве, купувам мајонез и читам дека има 86 грама! Истиот што порано беше 100 грама. Во буреците веќе урдата одвај се пронаоѓа низ корите, а половина литар јогурт во бурекчилница го платив 50 денари“, вели еден од нашите соговорници.

И производителите и трговците велат дека зголемувањата на цените не се за да направат екстра профит, туку за да го одржат бизнисот, а притоа како најголема ставка ја споменуваат цената на струјата, за која алармираат дека е неопходна поддршката на државата.

Најлесното решение против инфлацијата е најскапо

Сепак, економистите велат дека цените не може да растат во недоглед затоа што се лимитирани од потрошувачката моќ на населението. Во еден момент, производите, едноставно, нема да може да се купуваат. Но, проблемот е во тоа што голем дел од производителите и трговците реално нема да може да ги намалат цените, со оглед на зголемените влезни трошоци.

Универзитетскиот професор Зоран Ивановски објаснува дека мерките што ги презеде Народната банка ќе дадат одложен резултат, некаде до крајот на годината, и ќе доведат до благо намалување на инфлацијата, додека најлесното решение за решавање на инфлацијата е преку интервенција од буџетот, секако ако бевме богата држава.

„Факт е дека Народната банка ја презема главната улога во справувањето со инфлацијата. Јасно е дека крајната цел е поскапување на парите и секако намалување на парите во оптек. Како резултат на тоа може да се очекува намалување на потрошувачката во економијата, а со тоа и благо намалување на цените како резултат на тоа што инфлацијата се заснова на фактори на понудата, а не на побарувачката. Вакви интервенции се со послабо влијание и потребен е временски период за да се ефектуираат во практика. Така, со одреден одложен период, монетарниот ефект може да се очекува до крајот на годината“, изјави Ивановски за „Слободен печат“.

Тој вели дека слични мерки презеле и Европската централна банка и американската ФЕД, но дека за посериозна борба со инфлацијата е потребно вклучување и на фискалната политика.

„Најлесен начин да ја снема инфлацијата е да се вратат цените на струјата на оние пред кризниот период. Тоа може да го направи државата ако ја плати таа разлика во цената за сите фирми. Но, секако, ако за тоа има пари. Тоа може да го направат само богати земји“, вели Ивановски.

Калкулациите на производителите не се оптимистички

Некои производители, пак, не само што не најавуваат намалување на цените, туку веќе најавија и зголемување доколку Владата не им обезбеди поевтинa струја.

Групацијата на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската коморa вели дека цените на лебот и на печивата ќе се зголемат најмалку за 10 проценти доколку не интервенира државата со цената на струјата. Оттаму се пожалија дека не само што им се огромни сметките за струја, туку и цената на пченицата на берзата почнала да се зголемува.

На производителите на млеко, пак, покрај цената на струјата голем проблем им е и набавката на сурово млеко, затоа што фармерите секојдневно бараат повисоки цени.

Министерот за економија Крешник Бектеши во телевизиско интервју рече дека има производители и трговци што ја злоупотребуваат сегашната ситуација и прават неоправдано поголеми поскапувања. Притоа, наведе дека има фирми каде што излезните производи се многу поскапени, иако струјата во нивниот производствен процес учествува само со 15 проценти.

За некои од економистите што ги консултираше „Слободен печат“, оваа изјава не е коректна, затоа што покрај струјата треба да се земе предвид и растот на цените на горивата, на амбалажата, на работната сила, како и нашите други влезни елементи.

Бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев во телевизиско интервју рече дека „оние компании каде што учеството на електрична енергија во вкупните трошоци е над 20-30 отсто, а кои се на слободен пазар, реално нема да можат да ги издржат високите цени на енергенсите“.

„Ако овие компании почнат со затворање, а имаат голем број вработени, тие луѓе ќе немаат на кој начин да ги платат ни сметките“, рече Анѓушев.

Од Владата, пак, прават напори за обезбедување поевтина струја за стопанството од Бугарија, но бидејќи оваа земја е членка на ЕУ, според европските правила не може да ни продава струја по пониска цена од берзанската, но затоа може да се побара помош за компензација од ЕУ.

Стопанската комора бара итни мерки

И Стопанската комора побара итни мерки за ублажувањето на ценовните шокови во делот на струјата. Тие бараат мерките да се донесат денес,  на Економскиот совет.

„Без државна поддршка, десетте најголеми потрошувачи на електрична енергија, кои имаат 6.000 вработени, приход од 1 милијарда евра, наредната година, според овие цени, би требало да платат половина милијарда евра, со што ќе се наруши нивната конкурентност и ќе се удри врз темелите на македонската економија. За другите компании на слободниот пазар Комората сугерира да добијат определена базна цена над која државата би ги покривала трошоците и со тоа би се создале неопходните претпоставки за некаква предвидливост, која е основа на бизнисот“ – велат од Стопанска комора.

Оттаму велат додаваат дека во кризниов период сметките за струја на компаниите се зголемени и по шест пати. Од Комората посочија дека на пазарот е евидентирано делење на фирмите на помали субјекти за да влезат на регулираниот пазар, каде што цените се многу пониски од берзанските, што може да доведе до сериозни последици за целиот енергетски систем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот