Илустрација: „Слободен печат“ / Елисавета Бејкова
Илустрација: „Слободен печат“ / Елисавета Бејкова

„Ако ни го праќате пациентот за Скопје, платете од вашиот буџет“ – најзафатените болници бараат да се воведе сервисен упат

Голем број хируршки клиники, клинички болници, општи болници и здравствени домови во Македонија го трошат цел буџет што Фондот им го доделил, ама само половина од него е за реализација на медицински услуги кон пациентите, покажува најновата анализа на ФЗОМ. Има небулози и со платите. Така, просечната плата во клиничка болница во внатрешноста каде што се дадени помалку здравствени услуги, е повисока од онаа во Клинички центар „Мајка Тереза“ каде што се даваат најголемиот дел од здравствените услуги.

Револтот меѓу тие што најмногу работат и оние што само препраќаат пациенти за Скопје, резултирал и со барање од здравствени работници за воведување на таканаречен „сервисен упат“, велат извори од ФЗОМ за „Слободен печат“.

Тоа е упат, со кој болницата што го препраќа пациентот во друга здравствена установа, ќе плати за него од својот буџет, а не како сега – да упатува пациенти, да не работи, да не реализира услуги и да нема трошок. За разлика од медицинските услуги што не им се даваат на пациентите согласно буџетски предвиденото, додатоците за дежурства си врват.

На Државната клиника за кардиохирургија додатоците имаат највисок удел во вкупната бруто плата – 40 проценти. Второто место во оваа категорија го делат Клиничката болница Штип и Клиниката за радиологија каде 37 проценти од платата е од додатоци. Понатаму во оваа категорија следат Клиниката за хематологија, Здравствен дом Охрид, општите болници Велес и Гевгелија, Клиничка болница Тетово, Гинекологија Чаир итн. Без додатоци просечната плата во декември лани, била 37.660 денари. Ама заедно со додатоци таа е 50.039 денари.

Во внатрешноста има оддели што чинат пари за да се одржат, а испорачуваат малку услуги. На пример, во Кочани во 2025 година на цел оддел за гинекологија се родиле само 7 бебиња, а на истиот оддел во Дебар 40 бебиња.

Директорот на ФЗОМ Сашо Клековски кој доби нов четиригодишен мандат, рече дека во просек во јавните здравствени установи реализацијата на здравствени услуги е 63 проценти.

-Што значат 63 проценти? Дека за буџетот што е доделен, за 63 проценти има фактурирани здравствени услуги. Центрите за јавно здравје имаат 100 проценти ефикасност, интернистички клиники имаат 85 проценти реализација но за жал имаме општи болници, општи болници со проширена дејност и здравствени домови кои се со под 50 проценти реализација. Во овие установи каде има помала реализација, има повеќе вработени отколку на Клинички центар „Мајка Тереза“, рече Клековски.

Над 1.800 вработени ги тужат јавните здравствени установи каде што работат

 

Вкупно 1.822 вработени во јавните здравствени установи во Македонија поднеле тужба против 62 јавни здравствени установи во кои работат. Најмногу тужители меѓу здравствениот кадар има во Општата болница Куманово, каде 317 вработени поднеле тужба за наплата на права од работен однос. Вкупно со тужбите здравствените работници бараат 2.1 милиони евра, а Клековски очекува сумата да се зголемува поради нови тужби, а и поради камати.

Главниот повод за тужбите е хроничното неисплаќање додатоци за прекувремена работа, ноќна работа, работа во смени, работа во недела и на државни празници, бонус плата и јубилејни награди. Највисок поединечен износ на тужбени барања има Клиничка болница Битола со 16.8 милиони денари.

Само Здравствен дом Кратово најавил 65 нови тужители во 2026 година со проценета вредност на барањата од над 3,5 милиони денари. Седумдесет проценти од тужбите се во 10 здравствени установи.

Сашо Клековски, директор на ФЗОМ, фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Сашо Клековски, директор на ФЗОМ, фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

-Ги повикуваме директорите да ги применуваат правата од законите и колективните договори каде што се оправдани, да пристапуваат кон спогодби за да ги избегнуваат адвокатските и судските трошоци. Истовремено ги повикуваме здравствените работници, особено каде што има ниска ефикасност во установите да се откажат од судските спорови бидејќи имаме парадокс да имаме во истите установи највисоко ниво на додатоци и најголем број на тужби. Така директно влијаат на одржливоста на нивните сопствени установи, рече Клековски.

Според него, има нејаснотии во колективните договори што овозможуваат тужење како што рече од „уиграна група на вештаци и адвокати и еден независен синдикат кој наоѓа сиви зони во толкувањето на законите“.

Фондот им препорача на сите здравствени установи превентивно да ги прегледаат исплатите на додатоците за да избегнат тужби, да исплаќаат правосилни пресуди со кои изгубиле за да се заштеди на камати и да воведат централизиран регистар за следење судски предмети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот