Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Ако дадете изјава за донирање органи по смртта, семејството тоа не може да го спречи

Доколку се даде ваква изјава, тогаш семејството на починатото лице кое изјавило дека се согласува да биде дарител по неговата смрт, не може тоа да го спречи.

Со нова законска регулатива се предвидува сите граѓани постари од 18 години кои се деловно способни, на доброволна основа кај својот матичен лекар да дадат изјава дали се согласуваат после смртта да бидат дарители на органи заради лекување. Законското решение е објавено на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР). Доколку се даде ваква изјава, тогаш семејството на починатото лице кое изјавило дека се согласува да биде дарител по неговата смрт, не може тоа да го спречи.

Изјавата граѓанинот треба да ја потпише пред неговиот избран лекар, лекарот да ја потврди со својот факсимил со што тој станува сведок и изјавата се заведува во самата матична ординација каде што лекарот работи. Задача на лекарот според измените во Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, е оваа изјава од пациентот што се согласува по смртта да биде донор на органи,  да ја внесе во Национална листа на дарители на органи. Оваа листа ја води Министерството за здравство.

Во земјава околу 150 пациенти чекаат да добијат трансплантиран орган. Најголемиот дел од нив, околу 100 лица, чекаат да добијат бубрег, триесетина очекуваат трансплантација на срце, 14 чекаат црн дроб, а 13 пациенти се на листата за трансплантација за рожница. Но, проблемот настанува кога семејствата на пациентите кај кои настапила мозочна смрт во болничка установа, не даваат согласност да се трансплантираат органите. Во 2026 година кај шест пациенти настапила мозочна смрт во болница, а ниедно семејство не дало согласност органите да продолжат да живеат во друг човек.

Законот дозволува премислување

 

Законот ја уредува и можноста пациентот во текот на животот да се премисли од намерата да биде донор на органи по смртта. Доколку тој веќе дал изјава кај матичен лекар дека се сложува да ги донира органите после смртта, но од некоја причина се премисли, тогаш треба да отиде на нотар и таму да завери нова изјава дека не сака да биде донор.

Изјавата со која пациентот се премислува, потоа неговиот избран лекар ја евидентира во „Мој термин“ и од тој момент произведува правно дејствие.

Со законското решение за првпат се воведува Национална листа на лица кои дале согласност да бидат дарители на органи заради лекување по нивната смрт. Оваа листа предвидено е да ја води Министерството за здравство како еден вид „регистар“.

Измените предвидуваат и дека кругот на можни живи дарители на органи се проширува. И подалечни роднини ќе може да бидат донори – се вклучуваат сродници во странична линија заклучно до четврти степен. Заштитниот механизам кој ќе ја проверува доброволноста на чинот и отсуството на принуда или трговија ќе биде Етичката комисија.

Македонија сериозно каска зад европскиот просек на трансплантации

 

Минатиот месец на Универзитетската клиника за нефрологија, директорот на оваа клиника доктор Никола Ѓорѓиевски го коментираше трендот на трансплантации. Како што објасни тој, во европските држави бројот на трансплантирани пациенти е од 50 до 60 проценти, а во Македонија само 13 проценти од вкупниот број. Конкретно, за пациентите на кои им е потребна трансплантација на бубрег, ова значи дека средствата од државниот буџет се трошат за услуги за дијализа. Во првата година идентично чини пациент кој е на дијализа и бубрежна трансплантација, ама во наредните години трошоците се намалуваат три до четири пати. Измените во законот за пресадување органи заради лекување се прават и поради проблеми кои произлегле од досегашната пракса. На пример, иако прв братучед на пациент сакал да биде донор, законски тоа не можело да се изведе бидејќи бил четврто колено. Затоа со измените прагот за тоа кој може да биде донор се проширува.

Министерот за здравство Азир Алиу најави дека до крајот на април изменетиот закон ќе се најде пред пратениците во Собранието на гласање.

-Со тоа ќе биде олеснет пристапот до донор. Многу поквалитетен живот имаат пациентите кои имаат трансплантиран бубрег отколку пациентите на дијализа. Како држава годишно одвојуваме 25 милиони евра за хемодијализа. Загрижувачки е тоа што листата на чекање на пациенти што имаат потреба од дониран бубрег се зголемува, а се намалува бројот на потенцијални донори. Апелираме да се зголеми свесноста за органодарителството, порача тој.

За да се спроведе трансплантација на бубрег, во Македонија има седум болнички координатори, еден национален координатор и заменик-национален координатор. Но, сите тие се соочуваат со големи проблеми, кога тимот ќе се подготви и спремен е да ја изведе операцијата, но ќе се соочи со суровата реалност – непосредно пред операцијата семејството одбива да даде согласност за донори комплетно обработени и погодни за трансплантација.

-Жално е кога неколку денови се подготвувате да трансплантирате, сите тимови се подготвени, а на крајот семејството нема да даде согласност. Апелираме сите да размислат за себе, да разговараат со своето семејство и да го искажат својот став во однос на органодарителството после смртта.Нема ништо поблагородно од тоа да се спаси човечки живот во момент кога еден живот згаснува – вели националната координаторка за трансплантација, професор доктор Билјана Кузмановска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот