Акционерите одобрија мегаспојување — „Парамаунт“ го презема „Ворнер Брос“ за 111 милијарди долари
Акционерите на „Ворнер Брос Дискавери“ дадоа зелено светло за преземање од страна на „Парамаунт“ во вредност од 111 милијарди долари, договор што може значително да ја промени глобалната медиумска индустрија, пишува Би-би-си.
Препорачано
Со оваа зделка, „Парамаунт“ ќе преземе контрола врз целото портфолио на „Ворнер Брос“, вклучувајќи ги и познатите франшизи како „Хари Потер“ (Harry Potter) и „Игра на тронови“ (Game of Thrones), како и информативната мрежа Си-ен-ен.
Од компанијата истакнуваат дека спојувањето ќе создаде „исклучителна комбинирана компанија“ која ќе понуди поголем избор за публиката и нови можности за креативците.
Сепак, договорот сè уште треба да добие одобрение од американските и европските регулатори, што значи дека процесот не е завршен.
Зделката доаѓа по неколкумесечна неизвесност, откако претходно интерес за преземање покажа и „Нетфликс“, но се повлече по повисоката понуда на „Парамаунт“.
„Парамаунт“, кој сака да се позиционира како водечка сила во Холивуд, е поддржан од милијардерот Лери Елисон, а го води неговиот син Дејвид Елисон.
И покрај ентузијазмот од дел од индустријата, договорот предизвика и сериозни реакции. Повеќе од 1.400 филмски работници, меѓу кои и Ема Томпсон, Бен Стилер и Хавиер Бардем, потпишаа писмо во кое предупредуваат дека спојувањето може да доведе до помалку работни места, помал избор за публиката и повисоки трошоци.
Политички реакции исто така не изостанаа. Сенаторката Елизабет Ворен го нарече договорот „антиконкурентска катастрофа“, додека претседателот Доналд Трамп претходно ја критикуваше работата на Си-ен-ен.
Доколку биде одобрен, „Парамаунт“ ќе ги интегрира и корисниците на стриминг-платформата на „Ворнер Брос“ во своето портфолио, како и канали како „Фуд Нетворк“ и „Дискавери“.
Компанијата очекува процесот да биде финализиран до септември, доколку ги добие сите потребни регулаторни дозволи.


