АИКА Македонија: Објавен е истражувачкиот проект на Владимир Јанчевски

Истражувачкиот проект „Политички слики после смртта на уметноста“ на Владимир Јанчевски, награден на конкурсот за Годишната награда „Ладислав Баришиќ“ за 2019 година на Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија, деновиве во целост е објавен на сајтот на Здружението.

Во воведниот инсерт на текстот за проектот, чиј целосен наслов е „Политички слики после смртта на уметноста: Фотомонтажните интервенции како релевантна политичка акција и нивната дисеминација во медиосферата“, авторот Јанчевски ги става во релација уметноста и политиката.

– Еден од главните проблеми околу уметноста е, всушност, разбирањето и прифаќањето на нејзината политичка димензија, односно специфичниот однос на естетското и етичкото од една страна, и констативното и проективното од друга. Сепак, денес, без разлика на медиумските, стилските, стратегиските, политичките определби и особености, или паралелното постоење на различни традиции, на сè поголем број луѓе им станува јасно дека уметноста, директно или индиректно, експлицитно или имплицитно, е политичка.

Всушност, иако концептот уметност е историски строго ограничен, сепак, по инерција и речиси неизбежно, сè уште, сме во ситуација еден дивергентен збир на визуелни и перформативни практики да ги определуваме како дел од специфичен свет на уметноста, наместо како составен дел од проширеното поле на визуелна култура – пишува Јанчевски.

Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2020 година од областа на ликовната критика на Благоја Варошанец, историчар на уметност и кустос, за неговиот истражувачки проект „Тајните места на Скопје“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 41, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 25-26 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот