Ахмети не го дава ни Груби, ни другите министри

Фото: Крешник Бектеши / Фејсбук

Ако го познаваат Ахмети, треба да знаат дека тој не подлегнува на уцени. Ахмети ќе ги повика „огнените“ на средба, но нејасно е од што се незадоволни тие кога во изминативе 20 години од партијата и од државата добија сè што можеа – ни изјави функционер на ДУИ

Лидерот на ДУИ Али Ахмети ќе ги повика „огнените“ на средба за да го смири незадоволството на групата, предводена од Изет Меџити, Муса Џафери, Невзат Бејта, Блерим Беџети и Висар Ганиу со цел во партијата, а не на јавна сцена, да бидат надминати недоразбирањата, брифираат за „Слободен печат“ високи функционери од ДУИ.

Неизвесно е дали лидерот на ДУИ ќе успее во намерата, бидејќи Ахмети не ни помислува да го смени првиот вицепремиер Артан Груби, ниту, пак, кој и да е друг министер од ДУИ во Владата на премиерот Димитар Ковачевски.

Ова, според „огнените“, ќе значи отворање внатрепартиски фронт, кој може да заврши со фракционерство или со формирање нова партија, бидејќи условот им е смена на сите министри од ДУИ.

„Ако го познаваат Ахмети, треба да знаат дека лидерот не подлегнува на притисоци и на уцени и дека најмалку сака внатрепартиските проблеми да се решаваат преку писмо во јавноста и преку медиуми, туку со дебата во партијата. Ахмети ќе ги повика „огнените“ на средба, но нејасно е од што се незадоволни тие кога во изминативе 20 години сè што можеа, добија од партијата и од државата“, вели функционерот на ДУИ.

Според нашиот извор, се очекува наскоро да се доекипираат партиските тела и да се избере најтесното партиско раководство – потпретседателите, со што ќе се одземе еден од аргументите на „огнените“ дека три години по Конгресот не се избрани органите на партијата и дека за битни прашања за партијата и за државата одлучуваат Ахмети и Груби.

Од ДУИ брифираат дека „огнените“ ќариле сè што може да се ќари и дека најмалку тие треба да прозиваат за реформи и за демократизација на партијата.

„На функции се или биле во неколку мандати. Муса како вицепремиер за Рамковниот и министер за локална и главен кадровик во ДУИ, Бејта – пратеник, министер за локална самоуправа и во два мандата градоначалник на Гостивар, Меџити два мандати градоначалник на Чаир и сега пратеник, Беџети – министер за правда и два мандата градоначалник на Сарај. Не е точно дека не биле консултирани за именување директори. Напротив, роднини и нивни блиски се директори, амбасадори…“, велат функционери од партијата.

Тие додаваат дека „огнените“ немаат сила да ја растурат ДУИ, дека може да формираат нова партија, но ќе завршат како партиите на Хисни Шаќири и на Гзим Острени.

Неофицијално, за расколот во ДУИ разговарале владините партнери Ковачевски и Ахмети. Ковачевски се интересирал дали недоразбирањата може да влијаат на владиниот кабинет, а од Ахмети добил уверување дека ќе нема промени на министри од ДУИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот