Ахмети малку задоцни со поддршката, ама не разочара: „Кога Америка стои силно, стоиме силно заедно“
„Најдобро ја разбираме тежината на храбрите американски одлуки, бидејќи и нашиот пат кон слободата е сведоштво за таа поддршка“
„Нашата непоколеблива поддршка кон нашиот стратешки сојузник, Соединетите Американски Држави, била и останува јасен и исправен избор, напиша лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во синоќешната објава на социјалните мрежи, со која ја поздрави воената интервенција на САД во Венецуела и апсењето на тамошниот претседател, Николас Мадуро.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ахмети за малку не стигна да биде првиот македонски политичар кој јавно ќе го поддржи насилното симнување од власт на Мадуро – речиси еден час порано, тоа прв го стори шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски.
Една од причините зошто тој и ДУИ ја поддржуваат Америка, според Ахмети, е тоа што оваа акција била против, како што тој невообичаено ги нарекува „нарколидерите“ (веројатно мислејќи на наркодилерите) и „организираниот криминал“.
„Цврстиот став против нарко-лидерите и организираниот криминал претставува заштита не само за Америка, туку и за меѓународниот мир и стабилност“, пишува Ахмети.
„Го поддржувам лидерството на претседателот Доналд Трамп и ангажманот на САД во спротивставувањето на авторитарните режими и криминалните структури кои ја загрозуваат слободата, демократијата и глобалната безбедност. Цврстиот став против нарко-лидерите и организираниот криминал претставува заштита не само за Америка, туку и за меѓународниот мир и стабилност. Народите заслужуваат да живеат слободно, со демократски институции и владеење на правото, а не под страв и репресија. Нашата историја нè научи дека кога Америка води со решителност, слободата победува“, вели Ахмети.
„Најдобро ја разбираме тежината на храбрите американски одлуки, бидејќи и нашиот пат кон слободата е сведоштво за таа поддршка. Трансатлантското партнерство е најсилно кога се темели на заеднички вредности и обединет став против тиранијата. Кога Америка стои силно, стоиме силни заедно“, напиша лидерот на ДУИ и осведочен американски сојузник.
Американската воена интервенција уште вчера ја поздрави и министерот за надворешни работи Муцунски, а денеска тоа го стори премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека „стоиме зад потезите и аргументите на нашиот стратешки сојузник САД“.


