Агелер: Ние нема да дојдеме од САД да апсиме тука, ќе видиме дали властите сметаат дека треба да превземат нешто за Камчев

Ангела Агелер, амбасадор на САД

Ние нема да дојдеме во РС Македонија да апсиме некого или да почнеме правен процес против корумпираните лица, но ќе биде интересно да се види какви дејствија ќе преземат овдешните институции по означувањата на корумпираните личности од страна на американските институции. Не е моја работа како амбасадор на САД да им кажувам на институциите тука што треба да преземат, се надевам дека медиумите и јавноста ќе ги прашаат надлежните тука дали сметаат дека треба да преземат нешто, рече денеска амбасадорката на САД Ангела Агелер на прес-конференција откако вчера САД го стави бизнисменот Орце Камчев на црна листа на лицата кои претставуваат закана за Западен Балкан поради корупција.

– Злоупотребата на закони, перењето на пари, поткупот и други престапи во кои учествува господин Камчев не само што ја еродира довербата на јавноста во судството, туку преставува и значајно предавство на граѓаните на оваа земја. Јавноста заслужува институции на кои може да им се верува, кои ги следат демократските вредности, кои се транспарентни и бескомпромисни во борбата со корупцијата – рече Агелер.

Таа потенцира дека значајни докази за одговорноста на Камчев добиле од разговори и во соработка со домашните институции.

– Информациите се достапни, а случајот го развивме со овдешните институции. Ова не е базирано на информации од Вашингтон. Дали, кога и како овдешните инстуции, овдешните власти ќе реагираат, зависи од нив – рече Агелер.

Корупцијата не може да мине неказнета, потенцира таа, ако Македонија сака да ги надмине предизвиците што ги има и за да ги постиге своите цели да стане доверлив, продуктивен и вреден член на Европската унија.

– Актерите на корупцијата мора и ќе бидат повикани на одговорност, како што е во оваа постапка. Според законот на САД, Стејт департментот, Конгресот или Министерството за финасии мора да го означат индивидуалецот кога имаат силни докази за корупција и криминал. Дали законските органи овде ќе преземат соодветна акција, зависи од нив и таквата одлука мора да биде базирана законите на РС Македонија. Но, корупцијата во која и да е форма не смее да биде толерирана во оваа земја. Тие што го изигруваат законот за исполнување на лични цели и на штета на луѓето во Македонија треба да разберат дека корупцијата има последици. Се надевам дека луѓето во оваа преубава земја ќе бараат интегритет од оние на кои им даваат доверба – рече американската амбасадорка.

Американската санкција за Камчев следи две недели откако САД го ставила на на црна листа и градоначалникот на Струга, Размиз Мерко. На новинарско прашање кој е следе на листата, амбасадорката рече дека не знае, затоа што „ова е процес кој трае“.

– Процесот во Вашингтон е многу внимателен, ништо не е направено површно, туку во многу темелен законски процес, поддржан од докази. Ова е многу сериозна ознака и има многу широки финансиски и имотни последици. Ќе продолжат разговорите со канцелариите во Вашингтон кои го следат овој тип на работи дека има одреден број на организиасии и индивидуалци кои треба да се видат. За црните листи е важно да се потенцира, без разлика дали се од Стејт департментот, Конгресот или од Министерството за финансии, дека за нас ова е 100 отсто нелично и неполитичко. Ние делуваме според закон. Кога тие министерствата ќе добијат докази за одредени лица, мора да им дадат ознака и да ги процесуираат законски. Таков е нашиот закон во САД. Она што тие личностиже го направат како реакција, тоа зависи од нив – рече Агелер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот