Агатангел ага или ангел ќе биде?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

На агата не му е пишано и предодредено да биде ангел, ниту пак на ангелот – ага! Се надевам дека и владиката Агатангел ја научил лекцијата?! Ако се двоуми дали повеќето сака да биде ага отколку ангел, не верувам дека ќе успее нагоре да се подигне и воздигне?!

Кога создава и некому дава живот, Господ е премногу добар и дарежлив. Голема улога при одредувањето на судбината имаат тројцата наречници, но тие се само „помошници и извршители на Господовата замисла“?! Верувам дека така било и со создавањето на господинот Атанас Станковски, нашиот четврти архијереј по хиротонија во Синодот на МПЦ, владиката Агатангел Повардарски, кого продуховен ни го испратил Господ да ја проповеда и шири црковната мисија?! Нема сомнение дека духовникот не си ги знае ингеренциите во својата митрополија, но тој во многу случаи самоиницијативно си ја проширил агендата и своето духовно знание го впрегнал во политичко делание.

Контроверзиите на владиката Агатангел ги препознав пред референдумското изјаснување за промената на името на државата, што навистина не сум против изразувањето на чувствата на секој поединец, туку против ширењето и наметнувањето сопствено мислење, а првенствено кога станува збор за духовно митрополитско лице?!

Тој господин, пред самиот референдум на 30 септември 2018 година, преку своите писмоносци рано наутро, или преку ноќ, ми оставил двоен леток со иста пропагандна содржина, под двата бришачи на колата, небаре за двајца – лево и десно ориентирани граѓани треба да гласам и да се изјаснувам?!

Прво, се посомневав дали навистина ми се обраќа вистинскиот Агатангел, зашто веднаш ми падна на ум секуларноста и востановениот принцип за реципроцитет во немешањето на црковната мисија со државната политика и обратно?! Туку, каква секуларност и какви принципи?! Кој тоа денес го почитува?! Од поодамна се измешани канчињата и „ѓаволот ја однесол шегата“! Сега секој посакува ангел да биде и како повикан од Бога да ја шири својата апостолска мисија? „Дојдено е време кога треба да се надминеме себеси како поединци и да ја покажеме сета своја родољубива сила. Преку бојкотот на претстојниот лажен и наместен референдум, ќе ги замрсиме конците на оние што сакаат да нè уништат (кој се тие, се прашувам). Преку нашиот непокор кон мрачните сили на новиот свет, ќе го зацврснеме нашиот углед и интегритет како свесен и слободен македонски народ. Без страв бојкотирајќи, ќе пратиме порака до светот дека еден народ, преку својот величествен дух, може да се избори за својата слобода и независност… Време е да им покажеме каде им е местото, како поука за идните генерации…“

Вака владиката Агатангел, од почеток до крај, наместо архипастирски благослов и мир по милоста Божја, како што го насловил обраќањето до верниците и целиот македонски народ, во споменатиот „памфлет“ уште тогаш почна да шири меѓусебна недоверба и да поттикнува нетрпеливост и поделба меѓу граѓаните, што не е ниту близу до мисијата што треба да ја има црквата.

Навистина дека политиката му е попривлечна од религијата, владиката  Агатангел го покажа и во обраќањето до присутните при чествувањето на празниците Свети Трифун и Свети Валентин во Кавадарци, кога повторно политички настапи фаворизирајќи ја улогата на паријата и на лидерот на опозицијата. За волја на вистината, Синодот на МПЦ ОА се огради од изјавата на владиката, истакнувајќи дека е тоа негов личен став, при што портпаролот Тимотеј истакна дека МПЦ е национална, божествена и човечка црква, која ги обединува и не ги дели луѓето, а не може да биде поддржувач ниту на една партија.

Туку, да се разбереме дека навистина никој не е против мислењето и загриженоста на владиката за опстојбата на Македонија, но јавното искажување на чувствата на традиционален религиски настан не е олицетворение на духовноста и добронамерноста. Најпосле, како и да било, секој треба да си ги гледа и работи сопствените, а не „македонцките“ работи. Ако така се однесуваме и им служиме на институциите, смисла ќе добие и Божјиот благослов „Господ Бог нека ја чува од секое зло нашата татковина Македонија и нека ја крепи и раководи при напредокот во секое добро!“, што ја имаше напишано владиката Агатангел во летокот пред нашето референдумско изјаснување за името. Ваква порака со благослов за љубов, за меѓусебно разбирање и обединување во чувањето на мирот и демократските придобивки, ќе го реафирмираше владиката и во целост ќе му ја вратеше духовноста.

Но, кој може докрај да ги намести коцките и да ги раздвои државните од црковните работи?! Се надевам дека и владиката Агатангел ја научил лекцијата?! Не верувам и натаму да продолжи да се однесува во духот на името во спојот на двата спротивставени поими?! Ако се двоуми дали повеќето сака да биде ага отколку ангел, не верувам дека ќе успее нагоре да се подигне и воздигне?! На агата не му е пишано и предодредено да биде ангел, ниту пак на ангелот – ага?!

Затоа, Агатангел најдобро е да си остане владика и да си ги гледа црковните работи! Бездруго, и Владата треба повеќе да знае да работи отколку да владее, за народот помалку над неа да бдее и меѓу себе недоверба да сее?!

Амин, Господе!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот