Агенти на ИЦЕ во Минеаполис/Фото: JOHN MOORE / Getty images / Profimedia

Администрацијата на Трамп поднесе 655 обвиненија за попречување на работата на агентите на ИЦЕ

Беки Рингстром се возела кон дома во сив џип „киа“ откако ги придружувала федералните службеници за имиграција низ едно предградие на Минеаполис, кога одеднаш била опкружена со необележани возила. Најмалку шест маскирани агенти излегле од автомобилите и ја уапсиле, а еден од нив удрил по ветробранското стакло со метален предмет, заканувајќи се дека „ќе ја скрши“.

Апсењето било снимено од минувач. Рингстром, 42-годишна мајка на седум деца, изјави дека била однесена во федерална зграда во Минеаполис, каде што била обвинета за попречување на спроведувањето на законот. Според неа, службеник ѝ рекол дека нејзиното име и фотографија ќе бидат додадени во владината база на податоци, објави Ројтерс.

Имиграциски рации

Нејзиниот случај е дел од растечкиот број локални активисти кои се обвинети според федерален закон што ги казнува лицата кои напаѓаат, се спротивставуваат, попречуваат или заплашуваат федерални службеници при вршење на службената должност.

Делото може да се третира како прекршок или како кривично дело, а потешките случаи предвидуваат високи затворски казни.

Според анализа на федералните судски евиденции, администрацијата на Трамп покренала обвиненија против најмалку 655 лица низ Соединетите Држави врз оваа основа откако започнаа имиграциските рации минатото лето. Тоа е повеќе од двојно зголемување во однос на бројот на гонења во истиот период во 2024 и 2025 година, покажува прегледот на јавно достапни судски поднесоци.

Администрацијата настојува да преземе построги мерки против противниците на Службата за имиграција и царина на САД (ИЦЕ), кои ги опишува како проблематични лица што им се закануваат на полицајците и ги поткопуваат апсењата на имигранти со криминални досиеја.

„Нападот и попречувањето на полицајците е кривично дело“, изјави Триша Меклафлин, портпаролка на Министерството за внатрешна безбедност (ДХС).

Таа додаде дека полицајците користеле минимална сила потребна за да се заштитат себеси, јавноста и федералниот имот.

Попречување на должноста

Двајца службеници на ИЦЕ, кои зборуваа под услов на анонимност, изјавија дека агенцијата со месеци води евиденција за демонстранти во внатрешна база на податоци, која вклучува имиња, фотографии, локации, регистарски таблички и описи на сомнителни активности. ДХС, сепак, тврди дека не води база на податоци за „домашни терористи“, но признава дека ги следи заканите и опструкциите кон полицајците.

Рингстром изјави дека на 29 јануари ги забележала полицајците во паркиран автомобил во нејзиното соседство околу 45 минути, по што почнала да ги следи, држејќи растојание од возилата. На кружен тек, еден агент ѝ се приближил и ѝ рекол:

„Ова е последен пат да ве предупредувам“, се слуша на видео снимено со мобилен телефон.

Кратко потоа, додека се возела кон дома, повеќе возила ја пресретнале и таа била уапсена.

„Знам дека она што го правам не е погрешно“, изјави таа подоцна.

Сепак, призна дека била исплашена кога агентите ѝ се приближиле, велејќи дека помислила дека може да заврши како Рене Гуд, демонстрантката која беше застрелана од федерални агенти во Минеаполис во јануари.

Меклафлин, од друга страна, изјави дека Рингстром „ги следела полицајците и се обидувала да ги спречи да ја извршуваат својата работа“.

Заплашување и притвор

Професорот по право Сет Стотон оценува дека законот најчесто се користи за заштита на полицајците и експлицитно бара делото да биде извршено „со сила“.

„Без физички контакт, само следење на агент во автомобил, не сум сигурен дека тоа воопшто претставува одвлекување на вниманието, а камоли насилство“, изјави Стотон.

Федерален судија во Минеаполис во средината на јануари пресуди дека следењето на службеници на ИЦЕ на „разумно растојание“ не претставува основ за запирање или апсење. Сепак, апелациониот суд ја одложи таа одлука 10 дена подоцна, без дополнително појаснување што точно се смета за безбедно растојание.

Дебора Флајшекер, поранешна висока службеничка на ИЦЕ, изјави дека е „несоодветно и неуставно“ да се заплашуваат и притвораат луѓе кои мирно ги набљудуваат активностите на полицајците.

„Набљудувањето на активностите на ИЦЕ не е кривично дело и не треба да се третира како такво“, нагласи таа.

Во меѓувреме, се појавија снимки на кои се гледаат полицајци на ИЦЕ како им се приближуваат на возила со извлечено оружје, во ситуации кога тврдат дека биле „следени“ и вознемирувани. Ројтерс не можеше независно да потврди дел од наводите на властите во овие случаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот