Влада Димитар Ковачевски Фото: Слободен печат/Драган Митрески

А да ја уапсите целата поранешна влада?

За владејачките ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди, освен Груби, за криминалот во Државната лотарија треба да одговараат поранешните функционери Зоран Заев, Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски и Венко Филипче, односно на обвинителна клупа би ја ставиле цела поранешна влада

Фрчат закани и обвинувања меѓу партиите кој сè треба да седне на обвинителна клупа со поранешниот вицепремиер Артан Груби, чие враќање од бегство трет ден ја тресе политичката сцена. Одлуката, пак, Груби да заврши во куќен притвор ги судри партиите и Обвинителството со повици правосудството да не потклекне пред политички притисоци, односно обвинителите да се остават да си ја вршат работата.

За владејачките ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди, освен Груби, за криминалот во Државната лотарија треба да одговараат поранешните функционери Зоран Заев, Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски и Венко Филипче, односно на обвинителна клупа би ја ставиле цела поранешна влада. СДСМ останува на тезата дека куќниот притвор за Груби е доказ дека неговото враќање е договорено.

Бране Петрушевски Фото: партија

Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека СДСМ го штити криминалот на Груби, бидејќи како што тврдат социјалдемократите, одлуките на владата се колективни.

– Потпретседателката на СДС и поранешна министерка Јованка Тренческа, за кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат. Дали потпретседателката доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Како тргнале, до крајот ќе си признаат сè – вели Петрушевски.

Од ЗНАМ велат дека со обвинувањата на СДСМ за сценарио за враќањето на Груби,
всушност, се обидуваат да избегаат од сопственото политичко минато.

– Ако некој има историја на политички сценарија, договори зад затворени врати и обиди за контролирани враќања, тоа е токму коалицијата СДСМ/ДУИ. Да потсетиме: бегството на Никола Груевски се случи во време на СДСМ/ДУИ, а во нивниот мандат почнаа и разговорите за можни „решенија“, за начини на негово враќање. Груби беше главниот благајник на коалицијата СДСМ/ДУИ, човек преку кого поминуваа кадровските поделби, крупните инфраструктурни договори и политичките компромиси. Главниот оперативец на коалицијата СДСМ/ДУИ, Груби, е жива архива на политички и финансиски шеми што долго беа скриени од јавноста – велат од ЗНАМ.

Максим Димитриевски-градоначалник на Куманово / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Од партијата на Максим Димитриевски прашуваат дали ДУИ стравува дека Груби може да стане заштитен сведок и да ги открие сите шеми што го одржуваа нивниот систем на моќ.

– Али, Зоки, Венко, нема потреба од драматизација ниту од паника. Без разлика колку ќе се препелкате со соопштенија, обвинувања и конструкции, правдата сигурно ќе ве стигне – велат од ЗНАМ.

Од Вреди сметаат дека куќниот притвор за Груби не е олсенување, туку знак дека приказната влегува во фаза кога зборовите на ДУИ повеќе не важат, туку важат фактите.

-Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ има паничен напад. Тие не се плашат од мерката, туку од тежинара на она што Груби го носи со себе, бидејќи тој беше таму каде  што се решаваше се. таму каде што се договараа работите под маса. Тоа е страв од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува. кога ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги- велат од ДУИ.

ЗА СДСМ јасно е дека има политички „дил“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со Груби.

– Сакајќи да се измијат од скандалозна одлука за одредување куќен притвор, Обвинителството директно го закопа Мицкоски. Обвинителството соопшти дека МВР на Тошковски и АНБ на Христовски дале процена дека Груби „не бил безбеден“ во „Шутка“, па затоа предложиле куќен притвор. Директорот на затворот „Шуто Оризари“, Бобан Утковски, го демантира Обвинителството и рече дека ниту МВР ниту АНБ „не се обратила ниту усно ниту писмено до затворот за да побара мислење за безбедноста“. Е, па, како донеле одлука во Обвинителството? Има ли подобра потврда од ова тврдење дека сè е договорено и дека јавноста само се лаже и се замајува – вели Боданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Богданка Кузеска Фото: партија

ДУИ реагира дека партиите од власта го политизираат случајот со Груби и вршат притисок врз правосудството.

– Партии создаваат атмосфера на хистерија и линч преку однапред дефинирана пресуда и целосно ја преземаат улогата на обвинители и судии. Јавно повикуваат на линч на претставниците на Обвинителството и на Судот, без никакво елементарно почитување на принципот на презумпција на невиност – велат од ДУИ.

Здружението на јавни обвинители апелира партиите и функционерите да го почитуваат начелото на поделба на власта и да се воздржат од јавна реторика, со која, како што наведуваат, се нарушува самостојноста на јавните обвинители во одлучувањето. Според Здружението, јавноста била сведок на неодговорни изјави со кои одредени политичари селектираат и прозиваат одделно обвинители и коментираат јавнообвинителски одлуки без да бидат запознаени со конкретниот предмет и доказите.

– Ова кулминираше со политичките коментари во однос на определена мерка куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“. Ваквата јавна реторика мора да престане, а другите институции да дозволат обвинителите непречено да постапуваат и да одлучуваат – пишува во реакцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот