63. Филмски фестивал во Солун: Филмови за око и киносали полни како око

Седумте киносали во кои се одвиваа филмските проекции беа полни, многу проекции беа и распродадени ден-два порано, а живо беше и на тридневниот копродукциски „самит“ насловен „Агора“.

Има големи филмски фестивали што се индустрија во вистинската смисла на зборот и на кои присуството не е само прашање на престиж, туку економска потреба на најголемите продукциски куќи и главните дистрибутери. Има и „мали“ фестивали што се фокусираат само на одредени видови теми или авторски ориентации. А има и фестивали што се обидуваат да ги спојат тие два пола на фестивалскиот свет. Солунскиот интернационален филмски фестивал, кој годинава се одржа од 3 до 13 ноември, е еден од тие примери. И еден од поуспешните.

Од отворањето на фестивалот со новиот филм на Стивен Спилберг, „Фабелманови“ (суптилен, личен и емоционален автопортрет на авторот во младоста, но и на комплицираните односи во неговото семејство), па сè до затворањето со „Корсет“ на Мари Кројцер (филм за австриската царица Елизабета од крајот на 19 век, попозната како Сиси, која на сите начини се обидува да остане „убавата царица“, иако според тогашните убедувања жената на 40+ години е веќе стара), на 63-тото издание на Солунскиот фестивал беа прикажани повеќе од 200 наслови во неколкуте селекции и програми.

Фестивалот беше затворен со филмот „Корсет“ на Мари Кројцер

Солунскиот фестивал вообичаено носи филмови што „запнуваат“ за око, а киносалите традиционално се полни како око. Седумте киносали во кои се одвиваа филмските проекции беа полни, многу проекции беа и распродадени ден-два порано, а живо беше и на тридневниот копродукциски „самит“ насловен „Агора“, на кој стотина продуценти, фестивалски програмери и дистрибутери ги претставуваа нивните проекти и разменуваа мислења и искуства, а беа наградени неколку проекти во развој.

Годинава од единаесетте филмови на режисери дебитанти, кои се бореа за наградите „Златен Александар – Тео Ангелопулос“, вредна 10.000 евра, „Сребрен Александар“ (5.000 евра), како и наградите за најдобри улоги, сценарио и уметничко достигнување, жирито ги избра следниве лауреати. „Имам електрични сништа“ на Валентина Морел од Костарика ја доби наградата „Златен Александар – Тео Ангелопулос“, за сторијата во која се судираат одраснувањето на младите и суровиот свет на возрасните.

Наградата „Сребрен Александар“ – Специјална награда на жирито, го освои швајцарскиот филм „Парче од небото“ во режија на Михаел Кох (приказна сместена во снежните „пустини“ на Алпите), а „Бронзениот Александар“, наградата за најдобра режија, ја освои Чие Хајакави, јапонска режисерка, за нејзиниот филм „План 75“.

Јапонскиот филм, кој ја доби и наградата на филмската критика ФИПРЕСЦИ, на прв поглед има по малку шокантна сторија за програма на јапонската влада од утописката иднина, која ги поттикнува граѓаните постари од 75 години доброволно да се евтаназираат. Сепак, повозрасните филмофили се сеќаваат на сентименталниот „Балада за Нарајама“ на Шохеи Имамура од пред 40 години на слична тема, кога жителите постари од 70 години во едно сиромашно село ги носат да умрат на врвот на планината, бидејќи немаат храна…

За најдобра актерка е прогласена Роси МекИвен за нејзината улога во „Фармерки“ (во режија на Џорџија Оукли, Велика Британија), а за најдобар актер Реиналдо Амиен Гутереш од победничкиот филм „Имам електрични сништа“. Наградата за најдобар уметнички придонес ја освои францускиот автор од либанско потекло Али Шери за неговиот филм „Брана“, а наградата на публиката „Фишер“ во оваа селекција отиде кај авторите на „Наркози“ од Холандија. Публиката ги награди и филмовите „Црн камен“ на Спирос Јаковидес во програмата на грчки филмови, „Горливи денови“ на Емин Алпер во програмата „Балкански преглед“.

Филмот „Зад стоговите сено“ на режисерката Асимина Проедру, копродукција на Грција, Германија и Северна Македонија („Сектор филм“), беше еден од поуспешните на фестивалот, освојувајќи четири награди

Филмот „Зад стоговите сено“ на режисерката Асимина Проедру, копродукција на Грција, Германија и Северна Македонија („Сектор филм“), беше реализиран минатата година, а неговата сторија се одвива во 2015 година и го прикажува животот на населението од двете страни на границата во периодот на напливот на мигрантите. Филмот доби финансиска поддршка и од „Еуримаж“ (Европски фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела) и беше меѓу најнаградуваните филмови. Во селекцијата „Запознај го соседот“ доби специјално признание, потоа наградата на критиката ФИПРЕСЦИ, награда и од државната телевизија ЕРТ во паричен износ од 3.000 евра, како и награда од Филмскиот центар на Грција (заедно со „Црн камен“).

Режисерката Теона С. Митевска и сценаристката Алма Татарагиќ беа присутни во преполната сала на проекцијата на „Најсреќниот човек на светот“, кој е македонски кандидат за „Оскар“, каде што одговараа на прашањата на гледачите. Митевска беше член на жирито во програмата „Филмфорвард“, кое ги награди швајцарскиот филм „Повлекување“ на Леон Швитер со „Златен Александар“ (8.000 евра) и „Копилиња“ на Никос Пастрас со „Сребрен Александар“ (4.000 евра).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 155, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот