5 работи со кои треба да го запознаете партнерот пред да стапите во брак со него

profimedia

Веридбата е можеби највозбудливиот период во секоја врска. Но постојат некои важни работи кои треба да му ги кажете на партнерот пред да се одлучите за овој чекор. Кога ќе ги споделите овие размислувања, вие ќе знаете дали сте добри еден за друг. Па, доколку веридбата ви е во план, подобро е да седнете и да разјасните некои работи.

1. Дали сакате да имате деца?

Дали ќе имате деца или не е многу важен разговор во секоја врска. Доколку вие не планирате да бидете родител, а вашиот партнер сака деца, треба да го откриете тоа пред да го направите следниот чекор во врската. Можеби некој ќе го промени мислењето и ќе најдете компромис, но постојат големи шанси и секој да остане на своето, па ова само ќе води кон проблеми. Разговарајте за да знаете дали го делите истото мислење за родителството.

2. Какви се вашите погледи кон сексот?

Можеби мислите дека ова не е нешто за коешто треба да разговарате. Сметате дека бидејќи планирате веридба, вашиот сексуален живот е најдобар досега. Но, разговорот за секс е навистина важен. А во овој случај важно е сè во врска со него – колку пати неделно, кои се вашите фантазии, што е лојалност за вас, вашите видувања за моногамијата… Можеби ќе ви биде чудно, но штом планирате да го поминете целиот живот со некого, треба да бидете способни да разговарате за сè. Треба и двајцата да знаете што да очекувате.

3. Кои се вашите вредности?

Зборот „вредност“ има различно значење за секого. За некои вредност е религијата и одењето во црква, за други вредност е животниот стил како на пример, веганство или пак, често волонтирање. Без разлика кое е вашето значење на овој збор, треба да го дискутирате со партнерот. Важно е да знаете дека иако можеби немате исти вредности, сепак можете да се почитувате. Пред да планирате венчавка сериозно разговарајте за работите кои ви се важни вам и на вашиот партнер, и како двојка и како индивидуи. Ова ќе ви помогне да ги намалите проблемите бидејќи ќе знаете што сакате.

4. Каква е вашата способност за справување со пари?

Кога ќе му кажете на партнерот како се справувате со парите, можеби ќе го намалите бројот на идни караници. Не мора да заработувате и да трошите исто, но кога ќе ги знаете вашите навики, полесно ќе се разбирате. Секако, важно е да имате и добар финансиски план пред да се венчате.

5. Како се расправате?

Некои луѓе повеќе се расправаат, некои повеќе разговараат. Во која група и да спаѓате, важно е да му кажете на вашиот партнер. Откако ќе се венчате и ќе го почнете заедничкиот живот, ќе има стресни ситуации поради оваа голема промена. Важно е да му кажете на партнерот како реагирате на вакви промени, дали ќе се расправате, што ви е потребно после расправијата и како најлесно наоѓате решенија.

Иако веридбата е возбудлива, треба да бидете свесни за работите (и добри и лоши) кои доаѓаат со неа. Сепак вие се обидувате да споите два различни живота во еден. Кога однапред ќе разговарате за овие работи, полесно ќе се справувате со проблемите на кои ќе наидувате во текот на заедничкиот живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот