11 симптоми укажуваат на гастритис, а тестот со лажица ќе покаже дали болеста веќе напредувала

Profimedia
Фото: Профимедиа

Печењето во горниот дел на стомакот, болката што се зголемува или намалува по јадење, мачнините, чувството на надуеност по оброк, гасовите… Во пролет можете да очекувате влошување на овие симптоми.

Колку и да ѝ се радуваме на пролетта, за многумина доаѓањето на првите топли денови значи и проблеми со желудникот. Напролет, обично се појавуваат или се влошуваат гастроинтестинални проблеми, особено гастритисот, ждригавицата (киселините во желудникот) или, на пример, синдромот на иритабилно црево. Пролетта не е причина за проблемот во вистинска смисла на зборот, туку фактор што ја влошува состојбата или „капка што ја прелива чашата“, заедно со другите ризични фактори, како што се нездравата исхрана, склоноста кон прејадување, стресот или пушењето.

Сепак, докажано е дека промената на годишните времиња, односно доаѓањето на пролетта може да поттикне одредени хормонални активности и активности на нервните патишта кои го поттикнуваат лачењето на киселина во желудникот, а таа е главниот проблем токму кај гастритисот и кај гастроезофагеалниот рефлукс. Постои уште една причина зошто гастритисот или, на пример, чирот често се активираат токму напролет. Промената на годишните времиња е стрес за организмот, што доведува до слабеење на природните одбранбени функции. Тоа добро го искористува бактеријата Хеликобактер пилори, која во такви услови полесно и побрзо се размножува и создава проблеми. Во такви околности, доволно е неколку цигари прекумерно или неколку дена неправилна исхрана за оваа бактерија брзо да се рашири во слузницата на желудникот.

Profimedia
Profimedia

Гастритисот не е наивна болест

Кога би рекле дека половина од возрасните во светот имаат гастритис, не би погрешиле. Оваа болест не е толку едноставна како што им се чини на многумина (се разбира, на оние кои ја немаат) и бара посебен третман. Во голем број случаи, причина за гастритис е Хеликобактер пилори, бактерија којашто може да се наоѓа на слузницата на желудникот.

Гастритисот е воспаление, иритација или оштетување на слузницата на желудникот. Поделбата на гастритис може да се направи во зависност од инциденцата, симптомите, причините и ендоскопскиот наод. Може да се појави одеднаш (акутен облик) или да се развива постепено (хроничен облик). Притоа, акутниот гастритис е поделен на ерозивен и неерозивен, во зависност од оштетувањата.

За да го препознаете гастритисот навреме, обрнете внимание на сигналите што ви ги испраќа телото.

Водечките симптоми се:

  • надуеност во стомакот и подригнување
  • болка во горниот дел на стомакот
  • чувство на печење во желудникот, кое се искачува кон устата
  • гадење и повраќање (понекогаш во повратената содржина може да има крв)
  • необјаснето губење на тежината
  • губење на апетитот
  • брзо заситување во текот на јадењето
  • слабост, малаксаност и вртоглавица
  • забрзано чукање на срцето; отежнато дишење
  • прекумерно потење
  • црна столица

За среќа, можете да си помогнете, дури и со исхраната. Јадете помали оброци (се препорачува пет оброци), почесто во текот на денот, бидејќи интервалот помеѓу два оброка не треба да биде премногу долг. Целосно исфрлете ја зачинетата храна, газираните и алкохолните пијалаци и откажете се од цигарите, ако сѐ уште не сте го направиле тоа. Не јадете пржено ниту чадено месо, заменете го со варено или динстано. Добро е храната да биде топла, но не врела, да биде мека или кашеста, за да не го иритира желудникот. И заборавете на џвакањето гуми за џвакање, бидејќи тие дополнително го стимулираат лачењето на желудочната киселина.

Ако некои од спомнатите симптоми ги имате само повремено, тоа не значи дека не треба да одите на лекар. Лекарот ќе ве упати на гастроскопија (т.е. езофагогастроуодеоденоскопија), снимање на хранопроводот, желудникот и на почетниот дел на тенкото црево со помош на сонда, што е најпрецизен начин да се прегледа и дијагностицира состојбата во тој дел од дигестивниот тракт. Се разбира, лекарот може да препорача и други процедури.

Понекогаш неопходно е да се земаат лекови кои ја намалуваат желудочната киселина за да се овозможи закрепнување и обновување на оштетената слузокожа. Ако гастритисот е предизвикан од бактеријата Хеликобактер пилори, се пропишува третман со антибиотици и лекови кои го намалуваат лачењето на желудочната киселина.

Гастритисот е болест која успешно се лекува, но постои и голем ризик од повторно појавување ако пациентите не се придржуваат до упатствата и терапијата.

Profimedia
Profimedia

Домашен тест

Кај пациентите со гастритис, често на јазикот се формира светлосив или темносив слој, во зависност од тежината на болеста. Тоа можете и сами да го проверите со помош на лажица. Со мала лажичка поминете преку јазикот за да го изгребете слојот па погледнете ја неговата боја. Потемна боја најчесто се покажува кога болеста веќе напредувала.

Лекување на измачената слузокожа на желудникот

Од лековите што се препишуваат се оние кои го блокираат лачењето на киселината и го поттикнуваат заздравувањето на слузокожата, а тоа се првенствено инхибитори на протонска пумпа (ИПП). Треба да се внимава кај постарите пациенти, пред сѐ, кај жените, со оглед на тоа што долготрајната употреба на ИПП лековите може да доведе до остеопороза поради намалената апсорпција на калциумот.

Потоа, постојат лекови кои го намалуваат лачењето на киселината, како и оние кои ја неутрализираат киселоста на желудникот, наречени антациди. Предноста на антацидите е во нивното брзо дејство, а нуспојавите се ретки и главно се поврзани со можноста за пролив или запек поради содржината на магнезиум или алуминиум.

Aко мака мачите со гастритисот, не јадете ја оваа храна

Ако имате гастритис, се препорачува да јадете храна којашто лесно се вари. И добро џвакајте ја храната. Обидете се да го избегнете следново:

  • мрсни млечни производи (како што се сирење или топено сирење)
  • мрсно, чадено и пржено месо, како и месото приготвено со леб, мрсна кожа од живината
  • мрсна риба (јагула, скуша) и сите чадени, рибите во средно-зачинета/мрсна маринада или конзервирана храна
  • мрсни и зачинети сосови
  • пржена храна (како помфрит или крокети)
  • слатки и колачи
  • свеж леб и груб интегрален леб (подобро: убаво мелен леб од интегрални житарки што стоел барем еден ден)
  • свеж зеленчук кој може да предизвика надуеност (како зелка, кромид или мешунки).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот