Џафери: Интензивирање на соработката на земјите од Јадранско-јонската иницијатива преку парламентите

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска во Будва се обрати на 16. Конференција на претседатели на парламенти на Јадранско-јонската иницијатива.

Џафери, како што информираат од неговиот кабинет, посочил дека од формирањето на иницијативата во 2000 година како предлог на Италија, па до денес, состојбите во регионот се многу променети и тоа во позитивна насока и на сите полиња.

–   Во овие процеси на соочување со најразлични предизвици како на глобално, така и на ниво на региони, парламентарната дипломатија има сè позначајна улога, секако сфатено комплементарно со класичната дипломатија. Секако за стабилноста во регионот и неговата европска интеграција одговорноста е на секоја држава поединечно. Република Северна Македонија, со Договорот од Преспа го надмина деценискиот спор со соседна Грција со што се деблокира нашиот пат кон евроатланските интеграции но во исто време, има многу позитивен импакт и врз целиот регион, па и пошироко, изјави Џафери.

Посочи дека во тек е процесот на ратификација на Протоколот за наше полноправно членство во НАТО и уште еднаш се заблагодари на националните парламенти на Грција, Словенија, Албанија, Бугарија, Хрватска, Романија, Литванија и домаќинот, Парламентот на Црна Гора кои веќе го ратификуваа овој протокол.

–  Парламентарната соработка има повеќе форми, а јас посебно сакам да ја истакнам улогата на работните тела на парламентите. Дозволете да потсетам на некои позитивни искуства кои ги имаме во Собранието на Република Северна Македонија. Минатата есен имавме многу успешна регионална конференција посветена на младите и младинските политики. Настан на кој учествуваа парламентарци од регионот и од Европскиот парламент, а ја отвори почитуваниот потпретседател на Европскиот парламент, господин Фабио Масимо Касталдо. Пред тоа, имавме регионална конференција на комисиите за финансирање и буџет, посветена на парламентарната контрола врз трошењето на буџетот и ред други настани. Секако, вакви и слични настани се одвиваат и во другите парламенти во регионот на кои нашите пратеници, членови на разни парламентарни комисии и тела активно учествуваат, изјави Џафери.

Во нашата асоцијација, посочи Џафери, имаме четири држави Италија, Грција, Хрватска и Словенија, кои се членки на ЕУ додека сите останати се аспиранти за полноправно членство.

–  Имајќи предвид дека годинава, на ниво на Европската унија ќе има избори за новиот состав на Европскиот парламент, а во исто време и процесот на Брегзит добива некои нови димензии, сосема е очекувано Брисел да посвети повеќе внимание на овие прашања. Во една таква реалност, за нас, државите аспиранти е многу важно во рамките на Јадранско-јонската иницијатива да ја интензивираме соработката преку парламентарните тела. Имено, парламентарните тела најчесто расправаат за конкретни прашања, како што беше на пример туризмот и културата, кои беа тема на денешната прва сесија, истакна Џафери.

Посочи дека од членките на ЕУ, можеме многу да научиме околу тоа што ќе ни помогне во нашите реформи, а во исто време, преку нив да ги артикулираме нашите интереси, прашања и дилеми во Европскиот парламент.

Џафери, на крајот од своето обраќање, се заблагодари на Собранието на Црна Гора, за успешно организираната средба, и изрази надеж дека регионалната соработка ќе продолжи да се надградува и развива за просперитетот на сите граѓани и за целосна интеграција на регионот во Европската унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот