Сојузот на пензионерите смета дека социјалната пензија нема да ја реши сиромаштијата

Фото: Принтскрин YouTube

Социјалната пензија тешко ќе ги спаси пензионерите од сиромаштија. Од Сојузот на здруженија на пензионери сметаат дека нема достоинствен живот без најмалку 12.000 денари месечни примања, што е двојно повеќе од износот предвиден за социјална пензија.

“Се очекуваше со таа државна пензија да бидат опфатени околу 40.000 луѓе кои имаат помал стаж од 15 години. Сега, со најновиот Закон за социјална пензија ќе бидат опфатени само околу 4.000 лица. Тоа, сепак, е мал број луѓе кои немаат дополнителни приходи. Мора да се преземат, не само ова што се предвидува да земаат 6.000 денари, туку и некои други бенефиции за да може тие луѓе да опстануваат, да имаат колку толку еден достоинствен живот. А сега, во  вакви услови, достоинствен живот за пензионерите без најмалку 12.000, 13.000 или 14.000 денари пензија тешко ќе може да се остварува”, вели Драги Аргировски, претседател на Здружение на пензионери на Македонија за Сител.

Од Министерството за труд потенцираат дека главната цел на законските измени е зголемување на ефективноста на паричните давања за оваа категоријана граѓани и намалување на процентот на сиромаштијата кај лицата над 65 години, кои не можат да обезбедат средства за егзистенција по други основи.

Според анализата на Институтот за економски истражувања Фајнанс Тинк социјалната пензија е под праговите на сиромаштија, поради што таа нема позитивно да влијае врз сиромаштијата на старите лица. Доколку целта е да се намали релативната сиромаштија, Институтот предлага да се олабават одредени критериуми, како на пример, да се дозволи социјална пензија и во случај кога едниот партнер има одредени минимални примања. Или, пак, кога двајцата партнери го исполнуваат условот, секој од нив да добие социјална пензија. При тоа, и во двата случаи вкупниот приход во семејството да не надминува 10.600 денари.
За пензионерите важно е со мерката да се опфатат што поголем број луѓе за да се намали сиромаштијата.

“Многу луѓе над 65 години, што се водат како сиромашни ќе останат без тие основни приходи, но веројатно мора за нив да се решава со социјална помош. Значи, социјална помош и социјална пензија мора да се разликува”, вели Аргировски.

Од Министерството за труд потенцираат дека овој пропис се заснова на уставната определба дека социјалната заштита и сигурност на граѓаните се обезбедува согласно начелото на социјална праведност и гарантираното право на помош на граѓаните кои се немоќни и не се способни за работа.

Законот, што веќе е во собраниска процедура, обезбедува право на социјална пензија во висина од 6.000 денари плус 500 денари просечен додаток за енергетска потрошувачка. Ги опфаќа граѓаните со постојано место на живеење во земјава во последните 15 години, кои ја оствариле старосната граница за пензионирање, но не мора да имаат ниту еден ден работен стаж, при тоа да немаат никакви дополнителни приходи или имот од кој што се издржуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот