„Зоотопија 2“ стана најуспешниот анимиран филм на „Волт Дизни“ на сите времиња со заработка од 1,46 милијарди долари
Анимираниот филм „Зоотопија 2“ (Zootopia 2) постигна историски успех и официјално стана најуспешниот филм на сите времиња во продукција на студиото „Волт Дизни – анимација“ (Walt Disney Animation). По кино-премиерата на 26 ноември, филмот досега оствари заработка од 1,46 милијарди долари во кината ширум светот.
Препорачано
Како што јавува магазинот „Вараети“ (Variety), со овој резултат „Зоотопија 2“ го надмина досегашниот рекордер на студиото, „Фроузен 2“ (Frozen 2) од 2019 година, кој имаше вкупна заработка од 1,45 милијарди долари.
Сепак, титулата за најуспешен анимиран филм на сите времиња на глобално ниво сè уште ја држи кинескиот семеен филм „Не Жа 2“ (Ne Zha 2), кој од февруари 2025 година има остварено заработка од 2,2 милијарди долари низ целиот свет.
Во текот на декември, „Зоотопија 2“ сруши низа рекорди. На 12 декември филмот ја надмина границата од една милијарда долари заработка, со што стана најбрзиот анимиран филм што го постигнал овој успех, како и најбрзиот филм со ознака за соодветност за деца што ја достигнал оваа бројка.
Филмот, во режија на Џеред Буш и Бајрон Хауард, ја оствари и четвртата најголема светска премиера во историјата, најголемата премиера за анимиран филм и најуспешниот премиерен викенд за кој било филм во 2025 година.
Во продолжението, гласовите повторно ги позајмуваат Џинифер Гудвин и Џејсон Бејтмен, кои ги толкуваат улогите на полициските партнери Џуди Хопс и Ник Вајлд. Според официјалниот опис, тие се здружуваат за да го решат „најопасниот и најкомплексниот случај во нивните кариери“.
На актерската екипа повторно ѝ се приклучуваат Идрис Елба, Шакира и Џени Слејт, а меѓу новите имиња се Ке Хуј Куан, Форчун Фајмстер, Енди Самберг, Квинта Брансон, Дени Трехо и други.
Во соопштението на компанијата „Волт Дизни“ (Walt Disney) од 12 декември се наведува и дека е забележан значителен пораст на интересот на платформата „Дизни плус“ (Disney+) за оригиналниот филм „Зоотопија“ (Zootopia) од 2016 година, како и за кратката серија „Зоотопија плус“ (Zootopia+) од 2022 година.


