Собир на плоштадот „Македонија“ во Скопје по трагичниот пожар во Кочани / фото: Слободан Ѓуриќ / Слободен печат

ЗНМ и ССНМ: Новинари повикани на информативен разговор без претходно објавена забрана за дронови – бараме објаснување од МВР и АЦВ

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат загриженост поради повикувањето на информативен разговор на новинари, меѓу кои и претставници на меѓународни медиуми, по вечерашниот собир на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Еве ја во целост нивната реакција:

„Според достапните информации, забраната за користење на дронови беше официјално објавена пред 20 часот, речиси два часа откако протестот веќе започна. Дополнително, во соопштенијата на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за цивилно воздухопловство, за градот Скопје воопшто не беше спомената ваква забрана. Ова отвора сериозни прашања за правната основа на постапката кон новинарите.

Согласно Правилникот за воздухоплови без екипаж (Член 7, Став 1), одредени зони можат да бидат ограничени поради безбедносни или други важни причини, но ваквите одлуки мора да бидат прецизно дефинирани и јавно достапни навремено.

Општата примена на забраната без претходно известување и врз цел град, како во овој случај, не е во согласност со оваа правна рамка.

Во интерес на јавноста, бараме од МВР и АЦВ да дадат јасно појаснување за следниве прашања:

1.Зошто забраната за дронови беше објавена дури откако протестот веќе започна?

2.Според најавата Скопје не беше опфатено, а новинари сепак беа повикани на информативен разговор?

3.По кој правен основ цели градови се опфатени, наместо конкретни зони како што предвидуваат подзаконските акти?

4.Зошто медиумите не беа навремено известени за ограничувањата?

Очекуваме институциите да постапуваат транспарентно и во согласност со законите, со цел да се избегнат дејствија што можат да се протолкуваат како ограничување на работата на медиумските работници и слободата на медиумите и тоа за настани од висок јавен интерес.

Воедно, апелираме до новинарите кои користат дронови да го прават тоа одговорно и со внимание, без да ги вознемируваат семејствата и блиските кои поминуваат низ тежок период, особено во наредните денови кога ќе се одржуваат погребите на починатите“, пишуваат ЗНМ и ССНМ во вечерашното соопштение.

Забранети се дронови над Кочани и Штип, МВР апелира протестите да бидат мирни

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот