
Новинари приведени на собирите во Скопје и Кочани затоа што снимале со дронови
Седуммина новинари и медиумски работници вечерва се приведени во полициската станица „Центар“, поради тоа што го со дронови го снимале собирот во спомен на жртвите во трагедијата во Кочани, кој се одржа на плоштадот „Македонија“, објави „Независен“. Меѓу приведените е и новинар на агенцијата „Ројтерс“
Препорачано
Веднаш по завршувањето на собирот, медиумските работници биле повикани во полицијата да дадат изјави. Објаснувањето било дека се во станица затоа што се вклучувале од настанот во живо на „Фејсбук“ со снимки од дрон. Вечерва, според информациите на „Независен“, во станицата дошле и инспектори на Агенцијата за национална безбедност, кои ги колегите новинари.
И во Кочани полицијата привела новинари од бугарската телевизија БТВ, исто така поради летање на дрон. Колегата од „Ројтерс“ вели дека вакво нешто нема видено никаде во светот.
-Минатата недела летав дрон на фронтот во Украина, претходно со дрон летав во Гренланд каде си следев изборите кои ја одлучуваа иднината на островот. Вакво нешто никогаш не ми се случило, вакво нешто немам видено никаде во светот, вели за „Независен“ новинарот на „Ројтерс“.
МВР доцна попладнето соопшти дека Агенцијата за цивилно воздухопловство забранила да се подигнуваат дронови поради снимање над Кочани и Штип. Објаснувањето до новинарите кои вечерва беа приведени е дека забраната за летање на дронови од новинарските екипи важела за цела Македонија. Никој од медиумите не бил навремено известен дека е во сила таква забрана.
„Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните и сите корисници на воздухоплови без екипаж односно дронови дека од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство е поставена забрана за вршење на било какви операции со дронови на територијата на градовите Кочани и Штип. Неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја. Оперирање со дронови во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство“, соопштија од МВР.
Забранети се дронови над Кочани и Штип, МВР апелира протестите да бидат мирни