Знаеме што бевте, знаеме што сте и знаеме што ќе бидете

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Што има опозицијата, ќе прашате? Има мутантни (пара)портали, оние што живеат во најдолните маргинални новинарски професии, оние што во развиените земји се расфралаат по метроа во вид на потерници, наменети за „предавници“, „мразачи на Македонци“, „непатриоти“, „одродени“, „обескоренети“ и на тоа слично.

Понекогаш, евидентно е, излегувам на телевизија; понекогаш и некои чудни работи забележувам, или можеби е до мене, или се работи за некој општ впечаток? Не може да се рече ништо умно за медиумите и за проблемите на соочувањето со минатото додека не расчистиме неколку клучни работи: дали минатото е воопшто минато? Може ли со минатото на вистински начин да го соочувате општеството, а во него и медиумите, општество кое не се соочува сериозно ниту со својата сегашност? Кој е оној што може да ја согледа сопствената сегашност од сопствениот агол?

Овие прашања се начелни, а можеби изгледаат или звучат и апстрактно. Но, ајде сега да се обидеме да конкретизираме: неспорно е дека декадата на Груевски беше составена од луѓе кои претставуваа актери на хушкачко-националистичката реторика. Тие луѓе, повремено – и скромно – нѐ убедуваат дека ги промениле своите светогледи и своето однесување во однос на својот „минат труд“, ама таа нивна слаткоречивост тешко дека има упориште во реалноста. Пред само два дена, Христијан Мицкоски излезе во јавност да го заокружи „фиљан и фиљан човек“, и на него да ја насочи толпата, за потоа да се слушне глас –  „куќата да му се запали“, а по неколку минути, во таа толпа да ја влечат и туркаат нашата позната и релевантна новинарка на Ал Џезира, Милка Смилевска.

И сега, како медиумите да се постават кон реалноста, била таа сегашна или онаа „мината“? Во земја во која изгледа дека некои процеси се вртат во круг и никогаш ништо не исчезнува и не се завршува – а особено не исчезнува хушкачко-националистичката реторика и нејзините пропагандисти. На крајот на краиштата, и медиумите, како и оние десни политичари – склони кон лаги и манипулации – се вртат во еден бескраен круг. Оние што до вчера беа критични кон хушкачко-националистичката политика и денес се критични на нејзините последици. Станува збор за мала група медиуми, а мноштвото омраза и гадна пропаганда се наоѓа во сурија од десничарски портали и фан-фејсбук пејџови (или џебни беџови?). Значи, колку нѐ имаше тогаш, толку нѐ има денес: сите ние што се спротивставуваме на национализмот, поделбите и заокружувањето глави. Се разбира, некои во меѓувреме се уморија, преминаа во десницата, некои си најдоа добри позиции, ама во глобала – тоа е тоа: каде беше – никаде; што правеше – ништо. Медиумите што се спремни да се соочат со реалноста и минатото се малку, едно малечко островце во океанот.

Добро, следува легитимното прашање: што е она што го чини океанот? Не може да се каже дека во доминантниот пакет на медиумите го чини владата на Заев, туку некако се има впечаток дека сѐ е пола-пола со опозицијата. А опозицијата напојува добар дел од медиумите, особено оној дел од јавната сцена што ја изгуби „честа“ и „влијанието“ што го имаше додека оној, името да не му го спомнувам, беше власт и маст во оваа земја. Што има опозицијата, ќе прашате? Има мутантни (пара)портали, оние што живеат во најдолните маргинални новинарски професии, оние кои во развиените земји се расфрлаат по метроа во вид на потерници, наменети за „предавници“, „мразачи на Македонци“, „непатриоти“, „одродени“, „обескоренети“ и на тоа слично.

Овие два конгломерата го покриваат целото медиумско небо над Северна Македонија и креираат моќна илузија на паралелна реалност, која како кутија е затворена. Со други зборови, тешко се пробива антифашизмот, помирувањето, јавниот интерес ако сакате, ненационализмот, соработката и пријателството… Многу полесно се џвака омразата, непријателството и заокружувањето конкретни глави од конкретни луѓе на фотографии од протести. Од друга страна, за да направиме одреден „идеолошки континуитет“, многу јасно ќе видиме дека луѓето кои беа на страната на Груевски, и ден-денешен се во медиумите, играат со истите матрици на поделби и расколи, озгласени по бруталната хушкачко-националистичка пропаганда.

И сега се поставува прашањето: што во вакво опкружување значи да се инсистира на отворено и благородно соочување со минатото? Кои се, практично, неговите дострели? Лесно би било да се даде песимистички, а дури и нихилистички одговор нема многу да ни помогне, бидејќи наследството на медиумската платформа од Груевски остава груба инспирација за неодговорност и декаденција.

Јас сум на тие позиции, и додека ме држи сила и памет, секогаш ќе афирмирам пријателство, соживот, мир и антифашизам како иманентен однос кон насилството; нашиот граѓански ангажман прави разлика. И колку да се вешти да го релативизираат сопственото минато, тие сепак нема да можат мирно да спијат сѐ додека е некој тука мирно да ги потсетува на она што беа и она што се денес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот