ЖИВОТ и работа во Њујорк: Зрела, уникатна и силна личност

Ликовната уметница Марија Павловска неодамна го промовираше своето монографско дело „Првиот принцип – Цртежот“, зад кое стои десетгодишна истражувачка работа во Њујорк.

Монографското дело „Првиот принцип – Цртежот“ на Марија Павловска произлезе од десетгодишната работа врз докторската теза „Историско-уметнички преглед на темата цртеж низ стиловите, низ епохите, како основа на уметничко дело“ под менторство на проф. д-р Кокан Грчев. Подготовката на книгата траела речиси една година, а на македонски јазик беше објавена од „Магор“ на крајот на февруари оваа година, со поддршка на Министерството за култура.

Промоцијата на делото се одржа во галеријата „Остен“, а авторката допатува од Њујорк, каде што живее и работи во последниве 10-ина години. Со уметничко творештво Павловска започнува на рана возраст. Реализирала студиски престои во Париз, Словенија, Виена и Нирнберг. По нејзината прва самостојна изложба во Њујорк во 2007 година, таа живее на релација помеѓу Скопје и Њујорк. Активна е на њујоршката и на интернационалната уметничка сцена. За нејзиното уметничко дело се напишани повеќе осврти, рецензии и критики во престижни списанија, статии во весници, како и во музејски и галериски каталози од страна на еминентни историчари и теоретичари на уметноста.

Марија Павловска на промоцијата на делото „Првиот принцип – Цртежот“

Забележувајќи го цртежот како главен белег во творештвото на Павловска, „Дроувинг рум галери“ од Њујорк, по три остварени изложби, во 2015 година ја објавила монографија „Десет години цртеж“ на Марија Павловска со наслов „Reaction/ Drawing Cycles 2005-2015“ (Victory Hall Press NY), со што Павловска влезе во едициите на оваа галерија.

Творештвото на Марија Павловска било селектирано со учество на бројни групни изложби. Во организација на Фондацијата на Карол Фојерман била поканета да изложува заедно со Јоко Оно, Синди Шерман, Луис Буржоа и други во музејот „МАНА Контемпорари“ во Њујорк во 2018 година.

Поради својата интернационална активност и автентичен израз, со проектот „А-Реакција“, изработен во текот на уметничката резиденција во студиото во МАНА, Павловска била поканета да се претстави на Венециското биенале во 2019 година.

Ликовните критичари ја опишуваат нејзината работа со особена посоченост кон цртежот, кој го дефинираат како „силен цртеж на силна личност, која ги преведува своите теми на избор во сликовен јазик што покажува тивко-моќна елоквенција“. Австрискиот критичар Норберт Ридл потенцирал дека „нејзините дела ја изразуваат експресивноста со комбинација на реализам и толкување на зрела, уникатна и силна личност“.

Студиото на Марија Павловска во Њујорк

За творештвото создадено во текот на уметничката резиденција во студиото на „МАНА Контемпорари“, водечки Центар за современа уметност во областа Њујорк, Ерин Ким напиша: „Нејзините жестоки слики – составени од впечатливи, непостојни потези – опфаќаат поларни спротивности: светло и темно, полно и празно, црно-бело“.

Свое гледање на творештвото на Павловска има и Џим Пусторино, кој забележал: „Делото на Марија го носи истиот интензивен, искрен, посветен фокус што е толку очигледен во нејзината личност. Таа развила способност да комуницира длабоко преку чисто линеарно, гестурално движење што ги компонира нејзините слики. Нагласената енергија на нејзините уметнички дела се чини спонтана, но, всушност, е резултат на размислена студија, создавање акции и одговори што се случуваат во рамките на делото во текот на еден временски период. Платно или серија цртежи може да потрае со месеци за да бидат целосно реализирани и да ја носат таа концентрација на мислата и дејството“.

Нејзината работа била вклучена и во повеќе од 20 изложби со тематски, стилски и актуелни пресеци кои ја презентираат македонската ликовна уметност во домашни и странски музејски институции, како Музеј на современата уметност – Скопје, Музеј на Град Скопје, Национална галерија на РС Македонија, „107 македонски уметници“ во „Сит де’артс“ во Париз во организација на ДЛУМ, тематски изложби во „Галери МЦ“ во Њујорк и др. Во овој период Павловска со својот сопруг е во Скопје во очекување да се смири ситуацијата со коронавирусот за да може да се врати на својата работа во Њујорк.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 23, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 март 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот