Обвинителство: Жан Митрев измамил 283 ковид-пациенти за износ од 97,5 милиони денари

Фото: ИРЛ/принтскрин

За кривично дело измама на 283 тешко болни ковид пациенти, Обвинителството реши да ги гони лекарот Жан Митрев и неговата истоимена клиника во која тој е и одговорно лице за што до надлежниот суд бил доставен и обвинителниот предлог, а претходно била изречена мерка за обезбедување на неговото присуство со одземање на пасошот и се работело на обезбедување на оштетното побарување. По обелоденувањето на веста од Основното јавно обвинителство Скопје, од клиниката „Жан Митрев“, на чиј сопственик му се закнува затворска казна во траење до десет години, одговорија дека на суд ќе докажаат оти обвинението нема никаква основа.

Предметот оформен по допрен глас

Како што соопштија од скопското обвинителство, станува збор за предмет оформен по допрен глас по објавувањето на истражувачката сторија на Истражувачката репортерска лаборатрија (ИРЛ), според која,обвинетиот, како лекар и како сопственик на клиниката, во текот на здравствената криза предизвикана од пандемијата, на пациентите и на јавноста им прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од ковид-19 заради остварување противправна имотна корист. На тој начин во заблуда биле доведени бројни пациенти и членови на нивните семејства од кои во надлежното обвинителство до формирањето на предметот се пријавила 283 лица, а директна калкулација на износите уплатени за двете хемофилтрации добиени во текот на лекувањата покажала дека станува збор за износ од околу 97,5 милиони денари.

– Во текот на постапката првично оформена по допрен глас, јавниот обвинител обезбеди докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од ковид-19 кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари – се вели во соопштението од надлежното обвинителство.

Според објаснувањето од надлежното обвинителство, Митрев притоа се повикувал на документ издаден од Американската управа за храна и лекови во април 2020 година, со кој на компанијата „Бакстер“ и било издадено овластување за вонредна употреба на Оксирис сетот (Oxiris Set Device), како медицинско средство со кое се спроведува постапката за хемофилтрација кај пациенти со потврден коронавирус, на возраст од 18 години или повеќе кои се на интезивна нега со потврдена или итна респираторна слабост и потреба за прочистување на крвта.

Промовирал и применувал недозволен метод

Меѓутоа, од обвинителството потенцираа дека тој не смеел да ја промовира можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од ковид-19, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во земјава, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена.

– Покрај потенцијалниот бенефит, третманот имал и сериозни потенцијални ризици за кои пациентот морал да биде запознаен, па средството не смеело да се прикажува како безбедно или ефикасно во третманот или превенцијата од ковид-19 – потенцираа од обвинителството.

На овој начин, како што рекоа оттаму, обвинетиот кај секој од оштетените создал лажна претстава и заблуда, па најголем дел од нив при приемот на конкретен пациент во болницата, однапред уплаќале средства во износи од по 12 илјади евра за по два циклуси на хемофилтрација како дел од болнички пакети, без да им биде објаснет овoj метод и потенцијалните ризици од него и без да се прибави соодветна согласност за примената на таква процедура кај пациентите, што е спротивно на условите утврдени во овластувањето и на здравствените прописи и стандарди.

Клиниката Жан Митрев“: Оваа е лакрдија!

Но, од клиниката Жан Митрев“ ги отфрлуваат наводите и тврдат дека ниту еден пациент не бил измамен.

– Се гледаме на суд е нашиот одговор на денешната одлука на Основното јавно обвинителство да се гони д-р Жан Митрев за измама. Оваа лакрдија од неосновани напади на суд ќе мора да се докаже, а ќе биде тешко да се докаже бидејќи вистината е дека ниту еден пациент не бил измамен и сите третмани и процеси во болницата биле јавни и транспарентни и во интерес на пациентите. Со тоа на суд ќе падне и самото обвинение на ОЈО – се наведува во нивното вчерашно соопштение.

Од Клиниката нагласуваат дека и во најтешките периоди работеле според највисоки здравствени стандарди, транспарентно и во согласност со веќе утврдени и дозволени методи на лечење.

– Со ова ќе ја докажеме вистината и фактичката состојба, за нашата работа дека се што беше направено во клиниката Жан Митрев, беше направено за пациентите и според дозволени методи и стандарди на лекување – тврдат од Клиниката.

Оттаму потенцираат дека во текот на целиот овој процес целосно соработувале со институциите и ги отстапиле сите свои материјални и човечки капацитети со цел, како што велат, вистината да излезе во јавност и транспарентно да се докаже дека цел и функција отсекогаш им била да лечат и да им дадат најдобра медицинска нега на пациентите.

Инаку, ноќта пред објавата дека е поднесено обвинение и лекарот Жан Митрев се појави на една од националните телевизии каде што детално ги објаснуваше своите аргументи.

Зошто институциите порано не реагирале?

Според информациите од обвинителството, нема рок до кој судот би требало да се изјасни по обвинителниот акт и обвинителниот предлог, но со оглед на изречената мерка за обезбедување на присуството, се очекува тоа да биде мошне брзо.

За утврдување на одговорност на надлежните служби поради евентуална корумпираност во институциите, кои во текот на целиот период не реагирале на рекламирањето и примената на методот, во обвинителството, досега не нашле индиции, а за гонење поради непостапувањето не била предвидена кривична одговорност. Во обвинителството не нашле докази ниту за одговорност на останатите лекари и персоналот во Клиниката бидејќи, како што објаснија, Митрев бил креатор на измамата и самиот го менаџирал целиот процес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот