Зеленски најавува референдум
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека за прашањето на териториите ќе одлучува народот на Украина – преку избори или референдум, пренесува РБЦ Украина.
Препорачано
Тој наведе дека Соединетите Американски Држави предложиле создавање на таканаречена „слободна економска или, како што велат Русите, демилитаризирана зона во дел од Доњецката област“.
Според овој план, украинските трупи треба да се повлечат од дел од територијата, а руските трупи не би требало да влезат во неа.
„Истовремено, остануваат многу прашања, имено: кој ќе ја контролира оваа зона, каков ќе биде механизмот на следење, дали Руската Федерација ќе ги повлече трупите на реципрочна дистанца и како ќе се спречи можно инфилтрирање на руските сили под маска на цивили“, изјави Зеленски на прес-конференција.
Тој нагласи дека предложениот модел не е во интерес на Украина, бидејќи, како што наведе, „фер е да се стои на линијата на контакт“.
„Дијалогот продолжува, а Киев бара фер решенија засновани на паритет и безбедносни гаранции“, додаде украинскиот лидер.
Тој нагласи дека конечната одлука во врска со териториите мора да биде праведна и заснована на ставот на народот.
„Верувам дека народот на Украина ќе одговори на ова прашање. Во формат на избори или во формат на референдум, но мора да постои став на народот на Украина“, рече Зеленски.
Додаде дека во моментов многу работи зависат од украинската армија.
„Што може украинската војска да одврати, како може да се држи, каде може да го уништи окупаторот? Тоа влијае на целата дипломатска структура“, заклучи Зеленски.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно изјави дека Киев треба да одржи претседателски избори дури и во време на војна, тврдејќи дека наводно мнозинството Украинци сакаат брз договор со Русија.
Зеленски одговори дека е подготвен за избори, но дека тие може да се одржат само по измена на законите и со обезбедени безбедносни гаранции.


