Зекири се појави во Кривичен суд заедно со адвокат

Мухамед Зеќири во Кривичниот суд / Фото: МИА

Генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири попладнево се појави во Кривичниот суд во присуство на адвокат. Пред насобраните новинари Зекири не даде изјава во врска со постапката која се води против него. Имено, тој е осомничен за кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување.

Основното јавно за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор против Мухамет Зекири заради постоење основано сомнение за сторено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување.

Зекири откако беше обелоденета постапката против него, тој до премиерот Димитар Ковачевски поднесе неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар на Владата на РСМ, која му беше прифатена.

Шефицата на одделението за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска за „Слободен печат“ денеска изјави дека предметот за истрагата за проневера која е покрената против генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири и уште двајца хрватски државјани, Обвинителството за организиран криминал го добило во втората половина на 2021 година.

-Имаме податок за тоа каде се парите. Осомничените хрватските државјани, според нашите информации, не се наоѓаат во државава, но ние ќе стапиме во контакт со колегите од Хрватска, ќе ги доставиме доказите до нив, па доколкку се согласат да го преземат гонењето, нивното понатамошно процесуирање ќе биде во Хрватска,“ вели Рускоска.

Таа нагласува дека „Обвинителството за организиран криминал цврсто стои на ставот дека секој кој направил кривичен престап, а за што постојат докази, ќе биде гонет, без разлика на неговата позиција во системот на државата.“

Од друга страна, самиот Зекири денеска во објава на Фејсбук каде ја соопшти својата одлука за оставка од позицијата Генерален секретар на владата, изрази доверба во судскиот систем преку кој ќе може „вистината да излезе на виделина“.

-Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. На сите институции им стојам на располагање во секое време, за да ја докажам мојата невиност, напиша Зекири.

Според обвинението Зекири во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на службената положба, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.

Со преземените дејствија, осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија, износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот