Здружението на џез музичари организира целодневна прослава на џезот во паркот „Ибни Пајко“ во Скопје

Постер за настанот на ЗЏМ

Седмото издание на големиот целодневен џез-хепенинг со наслов „Денес сѐ е за џезот“ (Today It’s All About Jazz), организиран од Здружението на џез-музичари и слободни уметници – ЗЏМ, ќе се одржи на 30 април, со почеток во 13 часот, во паркот „Ибни Пајко“ во Скопје.

Здружението на џез-музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје по седми пат ќе го организира централниот настан со кој го одбележува Меѓународниот ден на џезот – 30 април. Првите пет изданија на настанот се одржаа во МКЦ, додека од 2022 година локацијата е во паркот „Ибни Пајко“.

Во изминатите шест години на „Денес сѐ е за џезот“ настапија огромен број џез-имиња, некои од нив мегапопуларни, а некои, пак, таму ги направија првите чекори во џез-музиката. Сите тие помогнаа во славењето на Меѓународниот ден на џезот, славејќи ги „придобивките на џез-музиката како образовна алатка и сила која води кон мир, единство, дијалог и непречена соработка меѓу луѓето“.

Меѓународниот ден на џезот е прогласен во 2011 година од УНЕСКО при Обединетите нации, со цел „да се истакне џезот и неговата дипломатска улога да ги обединува луѓето во сите краишта на светот“.

Денот се слави секоја година на 30 април, а идејата за негово одбележување потекнува од џез-пијанистот и амбасадор на добра волја на УНЕСКО, Херби Хенкок. Со Денот на џезот претседаваат Хенкок и генералниот директор на УНЕСКО.

ЗЏМ Биг бенд оркестарот ќе го изведе проектот „Запа“ / Фотографија: Татјана Ранташа

Програмата на целодневната прослава на Меѓународниот ден на џезот во паркот „Ибни Пајко“ во Скопје ја најавија Марина Туфекчиевска, Гоце Стевковски, Џијан Емин и Кирил Кузманов, членови на ЗЏМ Скопје.

Почетокот е наменет за младите, а композиторот и пијанист Гордан Спасовски ќе одржи џез-работилница за деца и млади. По џез-работилницата следува настап на младински џез-состав во кој членуваат Петар Марков – Маруш (гитара), Давид Ѓоргиев (тапани) и Симеон Будро (бас).

Никола Бочваров Квартет / Фотографија: Наќе Батев

Потоа ќе следуваат концертите на групите Квартет „Акварела“, Никола Бочваров Квартет, Филип Динев Трио – Филип Динев/ Тилман Обербек/ Јан Цајмец, ЗЏМ Биг Бенд со проектот „Запа“, Јуре Пукл Орган трио – Јуре Пукл/ Марко Чрнчец/ Крис Смит, а хепенингот ќе го затворат гостите од Африка – Адедеџи „Јоруба Одисеја“.

– Годинава посебно внимание посветивме на квалитетот на групите што настапуваат на хепенингот. Можеби дел од имињата на изведувачите не звучат познато, но ве уверуваме дека се од светски ранг и имаме навистина сериозен „лајн-ап“ со концерти – истакна Гоце Стевковски.

Триото на Филип Динев настанува во Хамбург и претставува еден од најавтентичните и најактивни музички џез-состави во регионот, а елементи од џез, балканска и класична музика се интегрален дел од композиторскиот печат на Динев.

Квартетот „Акварела“ е група што од неодамна работи во Скопје во состав Јани Костурски – вокал, Павел Ренџов – тапани, Ѓоко Грујовски – гитара и Маја Капсарова – бас.

Квартетот на Никола Бочваров неодамна го промовираше албумот „Гласна тишина“ и истиот ќе биде изведен и на џез-хепенингот. Јуре Пукл Орган трио првпат настапуваат во Скопје и ќе изведат модерен џез.

Бендот на Адедеџи е составен од девет луѓе и вклучува некои од најдобрите студиски музичари од Нигерија

Адедеџи е нигериски пејач, гитарист, композитор, аранжер и мултиинструменталист. Неговиот бенд е составен од девет луѓе и вклучува некои од најдобрите студиски музичари од Нигерија, најгруви ритам секција, прекрасни машки и женски придружни вокали и неверојатна дувачка секција, која го надополнуваа афро-бит звукот.

Домаќините на настанот, ЗЏМ Биг Бенд оркестарот, кој е единствен од ваков тип во нашата држава, ќе го изведат проектот „Запа – неповторливиот Френк Запа“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 176, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29.04.-01.05.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот