Здравствено „велепредавство“?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Филипче вели дека дополнителната министерка за финансии од ВМРО-ДПМНЕ со недели го кочи реализирањето на проектот од 90 милиони евра од Светската Банка наменети за справување со епидемијата… Министерот Чулев, најблаго речено, тешко се справува со спроведувањето на мерките усвоени од Владата за спречување на ширењето на заразата, кога и самиот не организира славенички собири спротивни на здравствените препораки… ВМРО тврди дека ситуацијата со епидемијата е „излезена од контрола“, а жестоко се противи на продолжени карантински мерки за викендот кои треба да го спречат ширењето на заразата во нови викендашки кластери… Слични се ставовите и за здравствените последици од литургијата во Струга, иако полноќниот упад кај хуманитарната операција во Струмица заради неколкумина волонтери се оправдува токму со спроведувањето на мерките за неопходноста од карантин…

Опозицијата жестоко ги напаѓа здравствените власти за неспособност и за бројот на починати од корона-вирусот, истовремено кога со истата жестина ги критикува барањата на тие исти експерти да се спроведуваат засилени мерки на претпазливост… Мицкоски врши притисок да не се истражува дали во време на карантин дигал тегови во придружба на службени лица, паралелно на паниката што ја шират неговите портпароли дека изборите летово би биле обид за убиство на гласачите… Чулев сега се сети дека и полицајците заслужуваат парична награда заради епидемиолошкиот ризик во службата, откако го преспа ребалансот на буџетот…

Контрадикција до контрадикција. И така, секој ден, од една страна ескалирани осуди и хистерија; од друга страна, блокирање на сите напори епидемијата успешно да се одржува под контрола.

Но, работите се посериозни дури и од тоа како звучат. Бидејќи, тоа што до пред извесно време делуваше како неколкумесечна збунетост и затечено неснаоѓање на опозицијата со доброто справување на власта со епидемиските предизвици, сега се заокружува со неодминлив впечаток дека збунетоста и неснаоѓањето се трансформираа во стратегија од најопасен вид: организирано поткопување, не само пропагандно, на политиката и мерките за справување со епидемијата од страна на опозицијата.

Тоа не е само политички неодговорен, туку и многу опасен развој на настаните. Едно е да се критикуваат мерките на власта и да се даваат конструктивни предлози како би можеле да се подобрат, а сосема друго е организираното саботирање и смисленото пропагандно поткопување на тие мерки. Такво политичко и здравствено „велепредавство“ не се очекува од одговорни политички субјекти кои ѝ мислат добро на нацијата.

Во овој вид на масовни зарази, не е доволно кога можеби и 90 од 100 граѓани се придржуваат до пропишаните правила за однос кон епидемијата. Бидејќи и десет отсто несовесни граѓани се таман, а и премногу, да ја срушат стратегијата за сузбивање на вирусната зараза. Во ваква ситуација, кога луѓето се разбирливо потиштени, емотивно исцрпени, подуплашени и самите збунети, гласот и постапките (!) на опозицијата не смеат да ја засилуваат конфузијата меѓу граѓаните, бидејќи тоа е опасно по живот – буквално!

И сето тоа заради – некакво одлагање на датумот за изборите?! Неверојатно.

Нема датум за избори – освен во некој тринаесетти месец во кинеската година на мајмуните – на кој, со ваков однос кон епидемијата, опозицијата може да дојде на власт во земјава. Тоа нема да биде прашање на политички симпатии кај граѓаните, туку резултат на чистиот здрав разум и природниот нагон за опстанок кај гласачите.

И, уште нешто друго: како не им текна на сите тие силни унии на млади сили, жени, ветерани, интелектуалци и бозаџии што ги имаат во партијата да дадат барем по 100 денари од џеб за хуманитарни цели во епидемијава? Па, нели е катастрофа во прашање?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот