Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

„Здрава котлина“ утре излегува на блокада: Јавноста заслужува одговор за загадувањето во Струмица

Кружниот тек кај Поштата во Струмица е местото каде активистите на „Здрава котлина“ утре, 10 февруари, од 13 часот ќе ја започнат својата нова блокада, како револт на состојбите со загадувањето во југоисточниот град.

Екоактивистите прашуваат дали надлежните институции имаат одговор на густиот чад што се појавил деновиве над Струмица. Оваа појава, велат тие, невозможно е да помине незабележано.

„Чадот беше јасно видлив и очигледно потекнуваше од еден поголем извор, во јужниот дел на градот. Се наметнуваат неколку суштински прашања: Што точно се горело? Од каде потекнуваше чадот и кој ќе сноси одговорност?“, посочуваат од екоорганизацијата.

Според „Здрава котлина“, покрај досегашните акции на МВР и инспекциските служби, повторно „некој прави што сака и ги труе сите“.

„Дали поради тоа што не се плаши од последици, или поради нечие премолчување — јавноста заслужува јасен одговор. Дали некој работи за ова да стане нормалност? Очекуваме јавно и недвосмислено објаснување од надлежните институции, како и конкретни и видливи мерки. Ова е наш воздух. И наш проблем — треба да го сфатиме сериозно сите!“, стои во најавата за протестот.

Инаку, екоорганизацијата пред десетина дена веќе организираше протест, каде, меѓу другото, побара примена на принципот „Нема филтер – нема бизнис“. Односно, итно да се забрани работата на сите индустриски капацитети без соодветен филтер.

Понатаму, надлежните институции да помогнат да се намали аерозагадувањето во Струмица, а тоа да биде на двојно пониско ниво од националниот просек. Преку ребаланс на општинскиот буџет за 2026 година да се зголемат средствата за животна средина, да се обезбедат пари за 100 анализи од акредитирана лабораторија, како и да се инсталираат шест нови фиксни мерни станица во градот.

Воедно, екоактивистите бараа локалниот инспекторат да биде опремен, да му се набават шест професионални мерачи за работа од терен, дрон за детекција на загадување, додека пет нови инспектори да работат на смени, при што извештаите од контролите да се објавуваат неделно.

Во пакетот мерки против загадувањето е и барањето за ревизија на А и Б еколошките дозволи и елаборати, по кои се водат сите фабрики и помали капацитети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот