Збогум, ЕУ!

Едноставно е, ако не си крај масата на која се разговара, тогаш си на масата како предмет на разговор. Мислам дека тоа Црна Гора и Албанија, и тоа како го сфатија и сега се таму каде што се.

Да биде јасно уште на самиот почеток: насловот на овој текст не се однесува на некакви апокалиптични сценарија за наводното самораспаѓање на Европската Унија (наративи главно проширувани од руската пропагандна машинерија), иако за (не)функционалноста на ЕУ и тоа како може да се дискутира.

Значи, овој текст се однесува на откажувањето на Македонија од својата наводна стратешка цел – влегувањето во Европската Унија.
Наспроти сите оние прокламативни изјави дека „Европската Унија нема алтернатива“ и дека „цврсто стоиме на европскиот пат“, сведоци сме на упорното кочење на тој европски пат токму од овдешните политички елити, чии ега, очигледно, се простираат многу подалеку од реалното значење на нашата држава во европските, па и во регионалните рамки.

Додека, од друга страна, количеството на нивното познавање на меѓународните односи е токму обратнопропорционално од нивните надуени величини.

Комплекс на виша вредност

Со еден збор кажано, да, ние сме за ЕУ, но само ако Унијата се приспособи на Македонија, а не обратно. И ова треба отворено да се каже, овој со ништо непоткрепен комплекс на виша вредност, најчесто и најмногу и најдрастично се манифестира во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Да се потсетиме, од пред две децении, од времето на владата на Владо Бучковски, сега веќе во далечната 2005 година, кога на 17 декември, Европскиот совет официјално го потврди статусот на Македонија како земја кандидат на членство во ЕУ, Македонија едвај да мрдна половина чекор на тој пат.

Тогаш, ирскиот дипломат Ерван Фуере, во тоа време шеф на делегацијата на ЕУ во Македонија, му подари на Бучковски виски од ирскиот бренд „Џејмисон“, со што „Џејмисон“ практично стана македонски национален пијалак од овој вид, далеку потиснувајќи ги дотогаш доминантните шкотски марки „Балантајн“ и „Џони Вокер“. А тогашниот премиер рече дека во Македонија доаѓа времето на оптимизмот. И, секако, дека цврсто стоиме на европскиот пат.

За разлика од кусото траење на оваа еуфорија, европската агонија потоа траеше долго. Неговиот наследник, сега бегалец од правдата, Никола Груевски, по принципот „ми се може“, ја спроведе таканаречената „антиквизација“ на Македонија, форсирајќи тука некои чудни ликови од племето Хунзи од Индокина, како наши сонародници или некои мегакриминалци од Индија, од типот на Субрата Рој, кои беа буквално пречекувани како кралеви.

Сето тоа беа јасни знаци дека Македонија не е заинтересирана за континентот на кој се наоѓа, туку своето место си го наоѓа во некои далечни и егзотични краишта, каде што корупцијата и криминалот се начин на живеење. Токму како кај нас.

Некакво приближување кон Европа се случи со прагматичната политика на Зоран Заев и прагматичното сфаќање дека терањето инает со оние што ги диктираат правилата, не само што не носи резултати, туку ја турка земјата во целосна изолација. Оваа политика, првенствено олицетворена во Преспанскиот договор, но и во Договорот за добрососедство со Бугарија, резултираше со прием на Македонија во НАТО, но и со условеното отворање на преговарачкиот процес.

И, секако, со окитување на Заев со етикетата на „најголемиот предавник на македонскиот народ и македонската држава“.

И – потоа повторно доаѓа ВМРО-ДПМНЕ на власт и повторно Македонија ѝ поставува некакви услови на ЕУ, ако сака да нѐ има во своите редови. Ту некакви гаранции за идентитетот, јазикот и не знам што друго, ту гаранции дека можеме да правиме што сакаме и дека тоа нема да бидат причини ЕУ да нè блокира, ту ќе го ставиме бугарското малцинство во Уставот на крајот на преговарачкиот процес, ту не знам веќе какви сѐ услови ЕУ ќе треба да исполни за да се одоброволиме и да влеземе во овој сојуз.
Не можам да кажам дека сме премногу изненадени што ЕУ не е баш испотресена од нашите желби и соништа. Напротив. Тоа е мотив повеќе да ја замразиме оваа „курва вавилонска“ и да продолжиме со нашето жалење над „клетата судбина“ и „неправдата“ што „вековно“ се прави врз нас.
На пример, само врз нас се истеруваат принципи, а другите држави влегуваат во ЕУ како низ широко сито. И така ќе ламентираме дека, ако има правда, Бугарија и Романија, па дури и Унгарија и Словачка, никогаш не би требало да влезат во ЕУ, а ние, ете, како „библиска земја“ им пречиме на „големите“.

Желбата да преговараме онаму каде што не можеме да преговараме има своја цена. А цената да не преговараме онаму каде што можеме да преговараме е уште повисока. Едноставно е, ако не си крај масата на која се разговара, тогаш си на масата како предмет на разговор. Мислам дека тоа Црна Гора и Албанија, и тоа како го сфатија и сега се таму каде што се.

Целиот текст може да се прочита тука.

Призма

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот