Збирката раскази „Луѓенца“ од Лилјана Пандева е книга на месецот во Градската библиотека во Скопје

Покана за настанот во Градската библиотека во Скопје

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје на 4 март ќе се одржи разговор со авторката Лилјана Пандева, чија збирка раскази „Луѓенца“ е книга на месецот во Библиотеката. Настанот ќе се одржи во спомен-собата „Т’га за југ“, со почеток во 19 часот.

Разговорот со Пандева ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Збирката „Луѓенца“ („ПНВ Публикации“, 2022) содржи седумнаесет мајсторски раскажани раскази за колку обични, толку и необични луѓе, што можеби секојдневно ги среќаваме на улица.

– Станува збор за приказни што импонираат како со тематската актуелност, меѓусебната суптилна поврзаност меѓу приказните, така и со раскошната палета на наративни стратегии – за „Луѓенца“ напиша Владимир Мартиновски.

Лилјана Пандева е родена во 1964 година во Ново Село, Струмица. Таа е дипломиран професор по македонска и јужнословенски книжевности и македонски јазик. Доктор е на филолошки науки.

Автор е на повеќе дела, меѓу кои: „Новогодишни едночинки“, драмолети за деца во стих, поетската збирка „Љубов од А до Ш и обратно“, на збирките раскази „Возовите на Луцерн“, „Канцелариски колумни“, „Класифицирано“, „Заорани“, „Луѓенца“, „Хранителки“, на романите „Од агендата на Калина Калин“, „Дневници на еднаљубов“, „Два Божика“, „Доилката“, добитник на наградата „Стале Попов“ на ДПМ, на поемата „Капетаните“, за која ја доби наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема.

Лилјана Пандева е добитник на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2021 година во областа култура за придонес во македонската современа книжевност и како лектор по македонски јазик, како и на повеќе награди за краток расказ. Автор е и на поголем број научни трудови од областа на македонистиката и книжевната критика. Нејзините дела се преведени на повеќе странски јазици.

Книгата на месецот, разговорот со авторот и клубот на читатели се дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“, што Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ја спроведува втора година по ред, како силна поддршка за домашните автори, издавачи, но и на македонскиот јазик, известија од Градската библиотека во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот