Разговор со авторката Хана Корнети ќе се одржи на 5 ноември

Збирката раскази „Каде леташ, Јулија?“ од Хана Корнети е книга на месецот во Градската библиотека во Скопје

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје на 5 ноември (среда), во 19 часот, ќе се одржи разговор со писателката Хана Корнети, чија збирка раскази „Каде леташ, Јулија?“ е книга на месецот и дел од 4-иот циклус на големата кампања „Читаме современи македонски автори“.

Разговорот со авторката, книгата на месецот и клубот на читатели се трите препознатливи активности на големата кампања „Читаме современи македонски автори“ на ГБСК. Разговорот со Хана Корнети ќе го води Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

– Одлепени, фантастични, хумористични, апсурдни и длабоко прецизни! Вака би можела да ги опишам десетте раскази од оваа збирка со наслов „Каде леташ, Јулија?“ на Хана Корнети. Со нејзиниот уникатен стил изграден преку колоквијален јазик, полн со хумор и длабинско проникнување, Хана нè става во друштво на неверојатни ликови низ незамисливи ситуации. Уште поневеројатно ни се чини што во ликовите од нејзините раскази како во огледало се гледаме самите или ги препознаваме луѓето околу нас – пишува Наташа Атанасова.

Хана Корнети (1992, Скопје) е авторка на збирката раскази „Млечни заби“ (2021, „Или-Или“), романот-фантастика за деца „Илина и шумските тролови“ (2023, „Или-Или“), чиј втор дел се очекува на есен во 2025, нефикцијата „Croprising: Good Weeds & Bad Gardeners – A Guide“ во соработка со Ивана Чалоска и Димитар Самарџиев (2023, „Private Print“) и „Каде леташ, Јулија?“, уште една збирка раскази за возрасни (2025, „Или-Или“).

Добитник е на награди за краток расказ и за пиеса, додека „Илина“ влегла во потесен круг за „Роман на годината“ и е финалист на регионалниот избор „Штефица Цвек“. Во слободното време пишува аматерска музика, со еден издаден албум, „Голи песни“ (2023, „Шарла рекордс“) и градинарува, генерално без многу успех (но, битно растенијата преживуваат).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот