Завршната изложба на фестивалот „Зрно“ ќе биде поставена во КИЦ-Скопје

Работна атмосфера на фестивалот „Зрно“

Во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, во продажниот салон, на 8 ноември ќе биде отворена завршната изложба на дела настанати на работилниците за алтернативна фотографија на фестивалот „Зрно“, кои се одржаа во јули во битолското село Цапари.

– „Зрно“ ја негува фотографијата на автентичен начин, невиден до сега на овие простори, и за само две години се етаблира во светот како единствен настан од ваков вид. Годинава успеа да обедини триесетина фотографи и љубители на фотографијата од цела Европа и да ги донесе во прекрасната природа под Пелистер, во преубав простор каде што редовно се одржува уметничката колонија „Де Ниро“ – истакнуваат организаторите на фестивалот.

Оваа година на „Зрно“ имаше седум работилници на кои се експериментираше, се споделуваше страст, се печеше леб, се споделуваше хемија и љубов и се градеше креативен однос кон фотографијата.

Во периодот од 10 до 16 јули се одржаа: Работилница за мокар колодиум, под водство на Предраг Узелац, Нови Сад; Работилница за креативни игри со полароиди под водство на Мартина Павлоска, Милано, Италија; Работилница за лумен принтови, под водство на Јелена Белиќ, Скопје; Работилница за Морденсаж техника, под водство на Сашо Алушевски, Скопје; Работилница за сендвич принтови, под водство на Стефан Стефановски, Нови Сад; Работилница за класична аналогна фотографија под водство на Ивана Томановиќ, , Нови Сад; и Работилница за цијанотипија, под водство на Дамиан Диаконеску, Темишвар, Романија.

Групна фотографија на сите учесници на фестивалот со употреба на техниката мокар колодиум / Фото: Предраг Узелац

На завршната изложба во КИЦ-Скопје ќе бидат претставени автентични, оригинални, уникатни дела од учесниците на работилниците.

– Некои од фотографските техники никогаш претходно не биле изучувани и/или изложени кај нас, бидејќи „Зрно“ не е обичен фестивал, „Зрно“ е страст, игра, живот! „Зрно“ е единствено доживување! – посочуваат организаторите на фестивалот и на изложбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот