Заврши жестоката кампања за локалните избори во Тетово – партиите во борба за презадолжената општина

Билбордот со долгот на Општина Тетово/ Фото Facebook

Партиите ја завршија необично интензивната и натпреварувачка кампања за вонредните избори, во која можеа да се видат и масовни митинзи и маалски средби, и обвинувања за скандали и грандиозни ветувања, како и неизбежното сечење ленти со „згодно“ планиран тајминг.

За помалку од една година, тетовци вторпат ќе гласаат за составот на општинскиот совет. Партиите ја завршија необично интензивната и натпреварувачка кампања за вонредните избори за советници, во која можеа да се видат и масовни митинзи и маалски средби, и обвинувања за скандали и грандиозни ветувања, како и неизбежното сечење ленти со „згодно“ планиран тајминг.

За партиите од албанскиот блок, три од кои имаат седиште токму во градот, освојувањето на власта во Тетово традиционално е прашање на посебен политички престиж, а тоа се чувствуваше и во оваа кампања, која изгледаше како во неа да се вложени значителни пари и ресурси. Забележливо беше целосното отсуство на интерес во медиумите на македонски јазик за кампањите на партиите на Албанците, но и обратно – пораките беа насочени речиси исклучиво кон гласачите-Албанци и кон медиумите на албански јазик. Предизборните активности на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, пак, беа повеќе насочени кој директен контакт со граѓаните (исто така со пораки упатени скоро без исклучок кон гласачите-Македонци). Тие добија непосредна поддршка од највисоките партиски (во случајот на СДСМ и владини) функционери.

Очекувано, главни теми во кампањата беа тетовските комунални „стари рани“: проблемите со отпадот, урбанистичкиот хаос и недостигот од зелени површини, барањето за изградба на градски парк, сообраќајниот метеж и загадениот воздух, кучињата-скитници…

ДУИ во кампањата настапи самоуверено, со најава за убедлива победа, откако на изборите лани во октомври, по долгогодишно владеење, го загуби и мнозинството во Советот и градоначалничкото место. Важна улога во нејзината кампања одигра настанот во тетовската слободна економска зона, со кој премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Артан Груби најавија голема германска инвестиција во производство на електрични автомобили, која според нивните најави, треба да вработи близу 900 луѓе. ДУИ на вонредните избори настапува со целосно нова листа на кандидати за советници, а нејзиниот носител, Фатон Ахмети, најави освојување на повеќе од десетте советнички места кои партијата ги имаше по изборите лани во октомври. ДУИ предизборните активности ги заокружи вчеравечер, со голем митинг на градскиот плоштад.

Фатон Ахмети / фото: ДУИ

Беса, од друга страна, го стави фокусот на непосредни средби и помали собири со граѓаните, со голем завршен собир на плоштадот „Илирија“ („Маршал Тито“) вечерва. Градоначалникот Биљал Касами, кој лани ѝ зададе тежок пораз на долгогодишната градоначалничка Теута Арифи, ги предводеше сите предизборни собири. Неколку недели пред изборите, тој со голема помпа и во присуство на Рифат Јашари, братот на косовскиот командант на УЧК Адем Јашари, ја пушти во употреба реновираната улица „Страшо Пинџур“ во центарот на градот. Улицата претходно стоеше раскопана и затворена повеќе од десет месеци – уште од пред минатите локални избори. Касами претходно го прогласи Р. Јашари за почесен граѓанин, што наиде на осуди во јавноста, а имаше и дилеми околу законитоста на одлуката. Актуелниот градоначалник во кампањата се соочи и со напади од ДУИ дека наводно криел „во фиока“ договори за хонорарци во општината. Листата на Беса за општинскиот совет ја предводи Бесар Дурмиши, а партијата ќе се обиде да го подобри минатогодишниот резултат од осум советнички места.

Бесар Дурмиши / Фото: Беса

СДСМ ќе ја бара поддршката од граѓаните за неговата кандидатска листа, на чие чело е Глигорије Стојановски. Партијата ќе се обиде да го подобри лошиот резултат од ланските избори, по кои имаше само двајца советници. Во поддршка на советниците на СДСМ во кампањата секојдневно доаѓаа високи партиски функционери, од претставници на различни партиски комисии, до вицепремиерот Битиќи и премиерот Ковачевски. Како и лани, извесна е коалицијата на СДСМ со ДУИ по изборите, а позицијата на евентуалните идни советници на партијата во Советот секако ќе зависи од резултатот на нивните партнери. И СДСМ својот завршен собир го одржува вечерва, со митинг и концерт на групата „Куку леле“ во делот од градот познат како Ајдучко Маало.

Глигорије Стојановски / фото: СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ на изборите настапува со листа предводена од Ангел Карапетров, кој заедно со лидерот Христијан Мицкоски и сите други високи партиски функционери во кампањата ги посети сите тетовски маала во кои се надева на гласачи, ветувајќи подобрување на условите и решавање на инфраструктурните и другите проблеми на граѓаните, особено во стариот дел од градот. ВМРО-ДПМНЕ во претходниот состав на Советот имаше четири советнички места, кои и заедно со советниците на партнерите – Беса и АА, сепак не беа доволни за стабилно мнозинство. Коалицијата со актуелната локална власт на Беса сепак беше доволна да издејствува ВМРО-ДПМНЕ да се пофали со некои проекти кои се завршија непосредно пред изборите, како новото улично осветлување на улицата „Гоце Делчев“.

Ангел Карапетров / фото: ВМРО-ДПМНЕ

На минатите избори за првпат учествуваше и граѓанската иницијатива „За подобро Тетово“, која освои две советнички места. Таа ќе учествува и на вонредното гласање, а граѓанската листа (тема во предизборието беше и тоа што таа е составена исклучиво од кандидати-Албанци) ја предводи долгогодишната еко-активистка Ељмедина Абдулахи.

Вонредните избори за општински совет, први такви во историјата на градот, може да се гледаат и како своевидна кулминација на политичката криза во локалната власт во Тетово. Токму израмнетоста на силите во претходниот состав на општинскиот совет беше причина за неговото распуштање, откако Беса, која го освои градоначалничкиот мандат, сепак не успеа заедно со советниците од ВМРО-ДПМНЕ и АА да формира мнозинство за да ја закаже седницата на која би се усвоила завршната сметка на општината за минатата година. Законскиот рок беше пробиен, по што претседателот на републичкото Собрание Талат Џафери, согласно своите надлежности, го распушти Советот и распиша нови избори.

За вонредните избори за општинскиот совет се пријавени вкупно 13 кандидатски листи. Пред гласањето, кое, исто така за првпат, се одржува во сабота, партиските анкети укажуваат на уште една тесна изборна битка со неизвесен исход, во која важен ќе биде секој глас. Сепак, печаток е дека тетовчани, со исклучок на оние кои се партиски членови и нивните блиски, немаат големи очекувања од претстојните избори. Кој и да ја освои градската власт, освен со извесното „тенко“ мнозинство во Советот и со бројните сериозни проблеми во кои е заглавен градот, ќе мора да се зафати и со можеби најтешката задача – справувањето со незавидната финансиска состојба во која се наоѓа општината. Нејзиниот долг, според градоначалникот Касами, изнесува вртоглави 24 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот