Заврши вториот ден од преговорите меѓу Украина и Русија – еден чекор напред, друг чекор назад
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека мировните преговори ќе продолжат во блиска иднина, најверојатно во САД.
Украина и Русија го завршија вториот ден од разговорите под покровителство на САД во Абу Даби во четвртокот, без пробив кон завршување на најсмртоносниот конфликт во Европа по Втората светска војна, објави „Гардијан“.
Препорачано
Двете страни се согласија на реципрочна размена на по 157 воени заробеници, што претставува редок конкретен резултат од разговорите.
Сепак, специјалниот пратеник на Доналд Трамп вклучен во разговорите, Стив Виткоф, предупреди дека „останува значајна работа“ во наредните недели, што ги намали очекувањата за брз напредок кон мир.
И покрај тоа, средбите претставуваат најсериозен ангажман меѓу високи делегации од Киев и на Москва во последните месеци, што укажува на внимателно, иако неизвесно, оживување на дипломатските напори речиси четири години по почетокот на војната.
Средбата во четвртокот, која траеше три часа, следуваше по рунда трилатерални преговори во средата што траеја околу пет и пол часа.
Виткоф: Украина и Русија се согласија да разменат 314 воени заробеници
„Преговорите ќе продолжат во САД“
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Кирило Буданов, изјави дека трилатералните преговори биле „навистина конструктивни“, заблагодарувајќи им се на САД и на Обединетите Арапски Емирати за посредничката улога. Рускиот претставник Кирил Дмитриев, исто така, упати позитивни тонови, велејќи дека имало напредок и „движење напред“ во разговорите за завршување на војната.
Подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека мировните преговори ќе продолжат во блиска иднина, најверојатно во САД.
Двете страни испратија високи воени и разузнавачки претставници во Абу Даби, главниот град на ОАЕ, што сигнализира посериозен пристап отколку во претходните рунди, кога Москва испраќаше делегации на пониско ниво.
„За првпат по многу долго време, технички воени тимови од Украина и од Русија се среќаваат во формат во кој и ние учествуваме. Напредокот веројатно нема да стане јасен, дури ни преку протекување информации, сè додека не се постигне вистински пробив. Нашата цел е да останеме посветени на овој процес“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио во средата.
„Москва има големи територијални барања“
И покрај попозитивниот тон, изгледите за одржлив мировен договор остануваат неизвесни, се вели во текстот на „Гардијан“, бидејќи Москва продолжува да инсистира на максималистички територијални барања. Кремљ постојано нагласува дека секој договор мора да вклучува Украина прво да го отстапи целиот источен регион Донбас, вклучително и делови што сè уште се под контрола на Украина.
Украинските власти ги отфрлаат тие услови и наместо тоа бараат прекин на огнот долж сегашната линија на фронтот, отфрлајќи какво било еднострано повлекување на своите сили од источна Украина, каде што синџир на силно утврдени градови претставува една од најсилните одбранбени линии на Киев.
Клучното прашање останува дали Владимир Путин е подготвен на компромис. Рускиот претседател постојано тврди дека Русија ја добива војната и сигнализира дека е подготвен да ги продолжи борбите доколку Украина не ги прифати строгите услови на Москва, кои вклучуваат и ограничување на украинската војска и забрана за присуство на западни трупи на нејзина територија.
Поради екстремно ниските температури и силниот украински отпор, напредувањето на Москва на бојното поле оваа година значително се забави во споредба со крајот на минатата година.
Сепак, руските сили продолжија со кампања на континуирани удари врз енергетската инфраструктура на Украина, оставајќи големи делови од земјата без струја на подолги периоди и продлабочувајќи ја хуманитарната криза, што Киев и неговите сојузници го опишуваат како обид да се скрши моралот на цивилното население.
Три нивоа гаранции или нема мир: Што бара Западот од Русија за Украина


