Заразени се тестираат дома, кластерите тешко се откриваат

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Групи од по петнаесетина млади што се заразиле на забави во Охрид се враќаат во Скопје и се тестираат дома со брзи тестови од аптеките. Епидемиолошка анкета нема кој да им направи, зашто овие тестови не се признаваат како официјални за да им издадат решенија за изолација, дознава „Слободен печат“.

Врие од ковид-позитивни во Скопје, каде што се регистрирани 832 лица од вкупно 2.581 заразени на државно ниво. Во петокот беа под илјада, односно 950. Ваквото зголемување е резултат на зголемената фреквенција на луѓе во земјава поради годишните одмори и доаѓањето на гастарбајтерите во летните месеци, а кластерите тешко се откриваат.

– Странците што доаѓаат налето за свадби и други прослави тешко се откриваат и изолираат ако се позитивни, зашто со сопствени возила си заминуваат од земјава, а за тоа не им треба ПЦР-тест, кој се бара само во авионите – вели за „Слободен печат“ д-р Тања Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје Прилеп.

Директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, Бесим Зекири, за „Слободен печат“ вели дека кластерите регистрирани во Скопје се главно од забави и од свадби, но мерките за изолација и следење на контактите се непроменети.

Групи од по петнаесетина млади што се заразени со коронавирусот на забавите во Охрид се враќаат во Скопје и се тестираат дома со брзи тестови што ги има во аптеките, дознава „Слободен печат“. Епидемиолошка анкета нема кој да им направи, а тестовите од аптеките не се признаваат како официјални за да бидат евидентирани меѓу заразените, да добијат решенија за изолација и да одговорат на епидемиолошките прашалници.

Лекарите велат дека вирусот е донесен однадвор. Во епидемиолошкиот прашалник повеќето навеле дека се вратени од одмори, а има новозаразени од свадби и од веселби.

– Кај нас, од 19 активни случаи, во моментот двајца се потврдени на сојот делта. Не се испраќа секој материјал на секвенционирање. Во епидемиолошкиот прашалник, повеќето лица навеле дека се вратени од одмори, од Црна Гора, Хрватска… Вирусот е донесен однадвор. Нема голема локална трансмисија. Секој позитивен потоа се анкетира и имаме протокол по кој ги заведуваме сите контакти на заразените два дена пред појавата на симптомите кај инфицираниот и 14 дена по појавата на симптомите. Сите лица што биле во контакт подлежат на изолација доколку не се вакцинирани и ако не прележале ковид во период пократок од три месеци. Ако имале ковид-19 пред повеќе од три месеци, тогаш подлежат на изолација. На тие контакти им правиме анкети и ДСЗИ им издава решение за изолација и ако пројават симптоми тогаш се тестираат – вели д-р Станимировиќ.

Таа вели дека немаат проблеми за да ги добијат контактите на заразените, но од колегите дознаваат дека некои од тие контакти веќе не се во земјава, си заминале за Швајцарија или за Германија.

Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ), д-р Ирина Сотирова Бухова, вели дека епидемиолозите имаат податоци за кластерите од анкетите со позитивните лица.

– Протоколот за издавање решенија не е променет. Тоа значи дека сите позитивни што се асимптоматски, се изолираат 10 дена, а за оние со симптоми 20 дена – вели д-р Бухова.

Новитет е и тоа што лицата што контактирале со позитивни на ковид-19, а коишто се вакцинирани со две дози, не треба да одат во изолација според сегашните протоколи и алгоритми на центрите за јавно здравје во земјава.

Во Охрид само петмина хоспитализирани

Во Центарот за јавно здравје Охрид нема ниту еден регистриран кластер од забави, прослави или какви било собирања, вели епидемиологот д-р Јованка Сурлакова Коровешовска за „Слободен печат“.Според неа, причината е што охриѓани се дисциплинирани, а туристите се враќаат во другите градови во земјава и таму прават тестови.

Директорот на болницата во Охрид, д-р Горан Балевски, вели дека имаат само пет хоспитализирани пациенти во модуларната болница, и тоа на возраст од 27 до 55 години, од кои двајца се целосно вакцинирани, а тројца невакцинирани. Тој додава дека вакцинираните се со лесна клиничка слика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот